Во случаj да не може онлајн да биде оценет, ученикот индивидуално ќе биде испрашан

Препорака првите сумарни оценки за секој ученик кој наставата ја посетува онлајн да бидат изведени до 20 ноември, дадоа денеска Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието и Државниот просветен инспекторат.

Тие веќе ги известија училиштата за начинот на следење и оценување на учениците во периодот на реализација на наставата во услови на пандемија кои можат да се најдат во упатството за наставниците за начинот на оценување на учениците.

-При формирање на оценката ќе се следат упатствата утврдени од Бирото за развој на образование на почеток на учебната година. Наставниците тука имаат јасно утврдени насоки со кои ќе се заштити квалитетот на процесот на формирање на оценката. Во случаите каде што од различни причини не може да се формира оценка онлајн, треба да се организираат индивидуални средби со овие ученици, преку наставниците кои ќе ги следат нивните постигнувања и ќе ја формираат оценката, велат од МОН.

МОН и БРО апелираат до наставниците да го прилагодат оценувањето на учениците согласно учењето на далечина.

-Потребно е да се постават јасни насоки во врска со очекуваните резултати од учењето и начинот на следење, контролирање и вреднување на постигнувањата на учениците во овој период. Во рамки на формирањето оценка треба да се задаваат автентични задачи кои ја елеминираат можноста за готови одговори од наставните материјали, или од други извори на информација, а во задачите со кои се проверува познавањето и разбирањето на фактите треба да се обезбеди контрола на времето за решавање на задачите, им препорачуваат на наставниците.

Дополнително, додаваат, наставникот може да направи табела за докази/продукти што ученикот ќе ги испрати како дел од електронското портфолио што ќе се оценува.

-Притоа критериумите за оценување, начинот на достава и роковите за достава треба да бидат јасно комуницирани до учениците и родителите. Учењето во виртуелна училница е во некои аспекти предизвик, но е истовремено можност да се направи исчекор во оценувањето – да се стави акцент на посложените когнитивни процеси, односно на издвојување, разбирање, анализа и помнење на она што е навистина важно, наместо усвојување на фактографско знаење.

Претходна вестСвекрва пријавила дека била нападната од снаата
Следна вестВМРО-ДПМНЕ бара време да размисли за маските на отворено, а има и свои предлози