ВМРО-ДПМНЕ бара време да размисли за маските на отворено, а има и свои предлози

Најголемата опозициска партија во македонскиот парламент ВМРО-ДПМНЕ сака да даде свои предлог мерки за зашти од корона вирус покрај оние што ги предлага Владата. Ова, според партиски извори, било причината што ВМРО-ДПМНЕ денеска побарало време да ги разгледа предложените мерки од страна на Владата.

Заради ова, мерките за заштита од пандемијата на коронавирус, предложени од Владата на препорака на Комисијата за заразни болести, не се најдоа на дневен ред на денешната собраниска седница. За ова, најверојатно, ќе се расправа на седницата на парламентот закажана за 27 октомври. За тогаш се очекува на работа да се вратат и двајцата пратеници позитивни на ковид-19 од мнозинството, Лазе Танески од СДСМ и Исмаил Јахоски од ДУИ.

Какви забелешки и нови предлози ќе даде ВМРО-ДПМНЕ не е познато. Познато е, членот на Извршниот комитет на оваа партија инфектологот Вело Марковски се спротивствува на носењето маски на отворни простори, што е една од мерките што сега се предлагаат од Владата. Тој смета дека носењето на маски на здрав човек е штетно.

Освен ова, во завчерашното телевизиско интервју Марковски рече дека се важни три работи кои треба да се направат во наредниот период.

-Некој треба да преземе одговорност за досегашните лоши резултати. Треба ли исти луѓе да носат мерки? Потребно е да се формира Државна комисија за заразни болести составена од 5-6-7 члена, од инфектолози, епидемиолози, имунолози, микробиолог и интернист, луѓе што тежат и кои ќе предлагаат мерки кои ќе се спроведуваат и со што ќе дојдеме до македонска стратегија. Треба да се види што со училишта и јавни собири кои треба да се забранат и трето, вакцинација против грип на околу 100.000 граѓани, многу повеќе од досегашните 40.000 колку што се вакцинираат. Но, со таа вакцинација веќе се доцни, а е многу важна како заштита, потенцира Марковски

Претходна вестВо случаj да не може онлајн да биде оценет, ученикот индивидуално ќе биде испрашан
Следна вестАрсовски: Димова доделила над 54.000 евра на училиште во кое работат роднини на Маричиќ и на неговата сопруга