Српскиот претседател, Александар Вучиќ го посети системот против беспилотни летала „Репелент“, кој за првпат беше претставен на јавноста, на изложбата на оружје и воена опрема на Армијата на Србија, во комплексот на тврдината Ниш. Станува збор за руски систем кој може да потисне или уништи роеви извидувачки, шпионски беспилотни летала на територија од 30 километри.
– Репелентот пристигна. Ова е Репелентот. Не е толку силен како Красуха, но е одличен, кажал Вучиќ.
Претставниците на вооружените сили на Србија истакнаа дека системот „Репелент“ е наменет за откривање на извидувачки беспилотни летала, како и за вршење статистичка обработка на податоци, одржување на нивото на закана и евентуално попречување на сите радио канали на управување како и канали за сателитска навигација.
Во таа прилика беше истакнато дека целта на тој систем е да се одврати потенцијален напад од беспилотно летало, како и да се покрие површина од 30 километри.
Станува збор за систем кој детектира беспилотни летала, ги следи нивните сигнали и електронски го сузбива преносот на податоци на беспилотните летала.
„Репелент“ е дизајниран за електронско следење на беспилотни летала врз основа на сигналите на радио-електронските средства и потиснување на нивните системи за контрола, а е развиен во 2016 година од Рускиот научно-технички центар за електронско војување. Системот тежи повеќе од 20 тони.