Во Тетово прв пат се организира свечена академија за одбележување на 5 мај-Денот на македонскиот јазик

Литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“ се подготвува за прв пат во Тетово со пригодна манифестација да се одбележи 5 мај – Денот на македонскиот јазик. Се планира одржување на свечена академија со повеќе активности. Манифестацијата ќе се одржи во свечената сала на поранешниот Дом на Армијата, сега Музеј на тетовски крај. Таму деновиве се одржуваат подготовки и проби.

– Од годинава секоја година ќе се обидеме да го одбележуваме овој ден, многу значаен за македонскиот народ. Ќе има реферат за значењето на македонскиот јазик кој го подготува универзитетската професорка Марина Даниловска, а потоа следува пригодна културно-уметничка програма. Ќе настапат неколкумина тетовски поети со свои творби, ќе настапат ученици кои ќе рецитираат песни од најзначајните македонски поети. Предвиден е монолог на актерот Владимир Јованоски, со исечок македонско литературно дело. Ќе учествуваат хорот „Лале“, групата „Шербет“, Драмското студио Тетово со пригоден скеч и на крајот настанот ќе заврши со настап на КУД „Кирил Пејчиновиќ“ од Теарце, изјави Мирко Видоески, од литературниот клуб „Кирил Пејчиновиќ“.

Целта е да се подигне на повисоко ниво и свеста за значењето на македонскиот литературен јазик.

– Сметаме дека сме направиле добра програма, којашто ќе наиде на интерес кај тетовската јавност. Ги информиравме сите училишта, плакати, социјални мрежи, настан. Планираме во иднина да биде традиционална манифестација. Особено ќе обрнеме внимание на искривоколчувањето на македонскиот јазик особено од јавните личности. Сведоци сме дека на националните телевизии има новинари и спикери кои не го владеат добро македонскиот јазик, пред сé мислиме на акцентската целост, неадекватно изговарање на некои букви. Сите треба да се ангажираме како општество и да го чуваме македонскиот јазик како најголема светост, вели Видоески.

Претходна вестЈакимовски: Основците од Нерези и Тафталиџе ќе учат во ООУ „Братство“, реонизацијата не смее да се крши
Следна вестВучиќ: Сите големи на Запад се против нас, ама правото и правдата се на наша страна