Во Центар се отстрануваат хаварисаните возила, зошто тоа не се прави и во други општини?

Околу триесетина хаварисани возила досега се тргнати од паркиралиштата на подрачјето на скопската општина Центар во рамките на акцијата која е покрената пред месец дена. Сопствениците на стари крнтии кои не може да се поправат имаат можност да се јават во ЈП Паркинзи општина Центар по што нивната служба доаѓа, бесплатно го крева возилото и го носи во депото за старо железо каде сопствениците добиваат надомест од 6,6 денари за килограм железо.

Убава акција. Со ова бројката од околу 256 претходно евиденитрани возила во Центар ќе се намали.

Кога почна акцијата имаше надеж дека таа ќе се прошири и на останати скопски општини. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов неодамна изјави дека на градското подрачје има околу 1.110 хаварисани возила кои зафаќаат места на паркриалиштата. Но, не можеле да ги отстранат бидејќи за тоа требала и согласност на сопствениците. Кога се организираат акциите каков о Центар, тогаш на сопствениците им се дава можност сами да се јаваат, друг да им ја тргне крнтијата и одозгора за тоа да им се плати.

Но, за жал, и повеќе од месец дена од ниту една општина не дојде иницијатива и таму да се организира слична акција. А за тоа не треба многу бидејќи скопските општини не се толку далечни една од друга за да она што се прави на подрачјето на Центар не се направи и на нивна територија. Општинските градоначалници кои деновиве се загрижени околу тоа дали ќе ја добијат шансата пак да се кандидираат би можеле и за ова да размислат во последните месеци од мандатите…   

Претходна вестДоживотен затвор за извршителите на петкратното убиство кај Смилковско езеро
Следна вестДевет илјади деца држат место, а не одат во градинка