Наставата во учебната 2023/2024 година ќе се реализира целосно како што предвидуваат плановите за организација на работата на основните и средните училишта. Иако гласањето во рамките на првиот и вториот изборен круг е закажано во работни денови, учениците нема да изгубат од наставата и да пропуштат дел од наставниот материјал, велат од МОН.
Министерството за образование и наука информира дека 23 април и 7 мај, односно деновите пред гласањето, ќе бидат работни за сите училишта. Притоа во училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес наставата ќе се реализира од 7 до 11 часот, со скратени наставни часови за сите одделенија, односно класови. Во другите училишта во кои не се спроведува гласање наставата се реализира вообичаено и во согласност со предвидениот дневен распоред.
Потсетуваат дека наставната година за учениците од средните училишта трае до 10 јуни, а за учениците од основните училишта до 17 јуни.