Доживотен затвор за убиецот што на свиреп начин усмрти жена во Кочани

Доживотна затворска казна денеска е изречена на педесет и деветгодишниото лице кое во септември лани ѝ нанесе повеќе од 40 убодни рани од нож на жена од Кочани и свирепо ја уби. За изречената казна денеска информираа од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).

-По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело – Убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна – доживотен затвор. Обвинетиот, на 25.09.2023 година на свиреп начин лиши од живот жена, нанесувајќи и многубројни убоди со нож. Во обвинението, Основното јавно обвинителство Кочани го товареше обвинетиот и за кривично дело – Уцена кон истата оштетена, сторено пред убиството. Меѓутоа тоа дело обвинетиот не го призна, постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка, соопшти Јавното обвинителство.

Четириесет и шестгодишна жена почина од убоди со нож пред куќата во која живеела во Кочани. Убиството се случило утрото во 6:15 часот, во моментот додека жената се подготвувала да оди на работа. Мажот од дома зел кујнски нож и, знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и ѝ задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на самото место.

Според првичните сознанија кои тогаш беа објавени, причина за нападот е изнуда на пари и закана со компромитирачки снимки што напаѓачот се заканувал дека ќе ги објави јавно. Жената претходно неколкупати пријавувала закани во полиција и во јавното обвинителство од каде што барала и заштита.

Платформата за родова еднаквост лани реагираше до Јавното обвинителство со барање ова убиство да биде квалификувано како фемицид при вршење на родово базирано насилство истакнувајќи дека институциите не го препознаваат родово базираното насилство, и овој случај го водат како убиство на свиреп начин.

-Случајот на фемицид, најтешкиот вид на родово базирано насилство, кога во Кочани жена беше избодена до смрт, иако претходно го пријавувала сторителот за уцена и барала заштита, Основното јавно обвинителство Кочани го квалификуваше како убиство на свиреп начин, со што се потврдува фактот дека институциите сѐ уште не го препознаваат родово базираното насилство. Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради основано сомнение дека сторил кривично дело –Убиство според член 123 став 2 точка 1 од Кривичниот законик, реагираа оттаму.

Претходна вестВо училиштата во кои ќе се одвива изборниот процес наставата ќе се реализира со скратени часови
Следна вестТрендафилов: Постапката за Работничкиот дом ќе се повтори