Воскреснува некогашниот Завод за урбанизам на Скопје, Градот основа јавна установа за урбанизам „Кензо Танге“

Одлука за основање на јавна установа за урбанизам на Град Скопје „Кензо Танге’’ помина на денешната седница на Советот на Град Скопје. Оваа установа се оснива со цел вршење на архитектонски дејности, инжинерство и со него поврзано техничко советување, развој на градежни проекти, останати стручни, научни и технички дејности неспомнати на друго место. Кензо Танге беше познат јапонски архитект кој беше автор на првиот план за обнова на Скопје по земјотресот во 1963 година.

-Со основањето, јавната установа за урбанизам како посебен правен субјект, за задача има преземање на сите активности кои опфаќаат елементи на просторно и урбанистичко планирање. Согласно Националната класификација на дејности ќе ги извршува и следните работи: учествува во изработка и донесување на генерален урбанистички план на Град Скопје, спроведување и следење на спроведувањето, изработува урбанистички планови и урбанистички проекти и учествува во нивното донесување, спроведување и следење на спроведувањето, изработува стручна ревизија на урбанистички планови и урбанистички проекти согласно условите за вршење на ревизија пропишани со закон; изработува проектно-техничка документација за инфраструктурни и супраструктурни објекти како и надзор над имплементација на истите, изработува студии, експертски елаборати и програми поврзани со планирањето и уредувањето и просторниот развој на градот, одржување и ажурирање на базата на просторни податоци за своето подрачје; следење и анализа на спроведувањето на урбанистичките планови; изработка извештај за состојбите во просторот; изработна на основни и сообраќајни проекти…, се наведува во образложението на одлуката за основање.

Седиштето на оваа јавна установа ќе биде на булевар. „Илинден“, број 82. Почетните средства за работа на јавната установа во износ од 5 000 (пет илјади) евра во денарска противредност, се обезбедуваат од Буџетот на Град Скопје.

Практично, Градот Скопје одново ќе добие установа којашто ќе се грижи за урбанистичкиот развој на градот, а каква функција во минатото ја имаше Заводот за урбанизам и архитектира на Скопје. ЗУАС. Познато е, овој Завод во најголема мерка беше одговорен за постземјотресната изградба на Скопје. Тој е организатор и носител на работата за изработка на Мастер планот за Градот Скопје, Деталниот урбанистички план за центарот на Скопје, но и регионалната планска документација за Скопскиот регион. Но, подоцна, оваа институција се трансофрмира во акционерско друштво по што западна во криза и во стечај. Во април 2017 година просториите на ЗУАС на улица „Партизанска“ изгореа во пожарот кој уништил и најголемиот дел од драгоцена документација поврзана со изградба на Скопје.

Претходна вестМуареми со претставка против Русковска:  Во Финансиска полиција се вршел самоволен и незаконит претрес     
Следна вестАрхиепископ Стефан: Немаме ништо против да се нарекуваме Охридска Архиепископија