Муареми со претставка против Русковска:  Во Финансиска полиција се вршел самоволен и незаконит претрес     

Претставка до државниот Јавен обвинител Лазар Јовевски поднела Управата за финансиска полиција а против Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал. Таа се однесува на претресот што истражители од ова Обвинителство минатата недела го извршиле во просториите на институцијата по наредба издадена од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд – Скопје, врз основа на претходно доставено барање Обвинителството.

Управата за финансиска полиција, на чиешто чело е Арафат Муареми, наведува на истражителите од ОЈО за гонење на организиран криминал со кои раководи Вилма Русковска, на 18 јули им бил дозволен непречен пристап во просториите на Управата, како и непречено извршување на наредбата, иако нејзината содржина „не ги исполнувала формалните и материјалните-суштински основи за да биде издадена“.

-Видно од наредбата воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за наредба за претрес, а воедно и судијата кој што таквата наредба ја издал. Наведеното упатува на тоа дека при издавањето на наредбата, од страна на судијата на претходна постапка запазена е само формата, но не и суштината за да се издаде наредба за примена на ваква инвазивна мерка, каква што е претресот, се наведува во соопштението од Управата.

Од содржината на наредбата, според Финансиската полиција, може да се констатира дека таа е „воопштена, нејасна и остава простор за слободно толкување“, што упатува на тоа дека подносителот на барањето за претрес ОЈО ГОКК „не располага со јасна и конкретна цел каков доказен материјал со примената на ваквата мерка сакал да обезбеди, а со кој само дополнително би го зајакнале основаното сомнение и би го комплетирале веќе обезбедениот доказен материјал за некакво сторено кривично дело“.

Во соопштението се посочува дека според наредбата за претрес, претресот се спроведува „поради постоење на основано сомнение дека е сторено кривично дело…“.

-Согласно член 21 точка 15 од Законот за кривична постапка, „основано сомневање е повисок степен на сомневање заснован врз прибавените докази кои упатуваат на заклучок дека определено лице сторило кривично дело “, а од друга страна јавноста е сведок на изјавите на шефицата на ОЈО ГОКК објавени во медиумите во кои самата изјавува дека нема осомничени лица, односно дека „..,чекаме да видиме дали има нешто основано во пријавата, се посочува во соопштението.

Дополнително, според Управата, претресот е апсолутно непотребен, имајќи предвид дека согласно своите надлежности Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал може во кој било момент да и се обрати и со само едно барање да го добие кој било предмет или документ за кој што е заинтересирано и за кој смета дека му е потребен.

 

-Токму поради суштествените недостатоци на наредбата за претрес, начинот на постапувањето при спроведување на истата, низата недоследности, нелогичности, излегувањето надвор од рамките на законската пракса како и неоснованоста за примена на мерката претрес, кои упатуваат на прилично самоволие во постапувањето на ОЈО ГОКК, од страна на Управата за финансиска полиција до Јавниот обвинител на Република  Македонија поднесена е претставка, согласно своите законски надлежности да го испита постапувањето на наведеното обвинителство во конкретниот случај, информираат од Управата за финансиска полиција.

Претходна вестБензините поевтинуваат за денар, дизелот за 1,50 денари
Следна вестВоскреснува некогашниот Завод за урбанизам на Скопје, Градот основа јавна установа за урбанизам „Кензо Танге“