Возачите насилници се посилни од полицијата и судовите?

Просто да ти е страв да се движиш по улица оти може некој возач – насилник да те прегази. И на пешачки премин да си, тоа не е гаранција дека си безбеден на македонските сообраќајници. До кога бе вака? 

Прашањето јавноста го поставува со години. Прашањето силно одекнува и денеска по длабокиот шок откако во Велес на пешачки премин брутално е покосено 11-годишно девојче, а тешко е повредена нејзината мајка. Возачот кој управувал со „мерцедесот“ што ги удрил, не застанал да им помогне туку избегал, а полицијата веќе го знае неговиот идентитет и трага по него.

Се очекува МВР да го најде сторителот. Но што да очекуваме од полицијата, а и од судството во иднина околу борбата со возачите кои се опасност за сите останати во сообраќајот? Очигледно до сега не е доволно сторено. Здивените возачи не се скротени.

Уште се свежи на сеќавањата на тешките сообраќајни незгоди како на онаа во која на скопскиот булевар „Партизански одреди“ кај Градежан факултет беше покосена Фросина Цековска од Крива Паланка; на другата слична трагедија кај Сити мол кога возило ја прегази Викторија Николова од Радовиш; на сообраќајките кај Млечниот ресторан, на…

Да, МВР уверува дека работи на теренот. Доволно е само да се видат сообраќајните билтени на полицијата. По неколку стотици казнети возачи заради пребрзото возење е секојдневен биланс што го соопштува полицијата. Но, тоа како да е недоволно за воведување на ред во сообраќајот.

Првите луѓе на МВР на крајот од годините се фалат дека има намалување на сообраќајните прекршоци, дека има помалку жртви… но ваквите ужасни несреќи повторно укажуваат дека насилниците и натаму царуваат на сообраќајниците и дека мора да им се застане порешително на патот. Македонија има многу униформирани полицајци, ајде посриозно нека воведуваат ред на улиците, нека бидат поприсутни на сообраќајниците и нека не бидат селективни кон прекршителите на правилата.

Судовите се исто така на потег. Не мислат ли судиите дека често благата судска политика придонесе насилниците зад воланот да не се исплашени од сериозни казни ако направат сообраќајка, прегазат човек…? 

Да, во подготовка сега е предлогот со кој ќе се воведе ново кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, а со кое со парична казна или со затворска казна до три години би се казнувало возењето под дејство на алкохол со најмалку 1,50 г/промили во крвта или пак под дејство на дроги и психотропни супстанци, возењето во забранет правец, претекнувањето на колона возила на непрегледно место и возењето над 70 километри на час повеќе од дозволената брзина… Ама измените во Кривичниот законик чекаат на ред… Зошто тој закон не е со европско знаменце, за да биде итна постапката, а се ставаат под итно работи кои се второстепени?

И секако, промени треба да има и во свеста на самите возачи. Се работи ли на тоа? Секој возач треба и сам да ја чукне главата – ако продолжи големото сообраќајно насилство никој не е со гаранција дека нема да биде повреден иако е уверен во спротивното. 

Никој не е посилен во сообраќајот – секој може да пострада. Затоа да отвораме „четири очи“. Стоп за сообраќајното насилство.

Претходна вестЛевица: ИВЗ стана сопственик на 2600 м2 околу Мавровско езеро, ќе градат верски објект во заштитна зона
Следна вестЗаедничка воена вежба на Русија и Кина