Вработените во културата ќе протестираат секој ден додека не добијат покачување на плати

Нов едночасовен протест пред Министерството за финансии и денеска одржаа вработените од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство и Агенцијата за филм. Тие на протестот уште еднаш упатија апел за потпишување на колективен договор и зголемување на платите по примерот на Министерството за финансии.

Претседателот на синдикалната организација при Министерството за култура, Бранко Костовски изјави дека ќе бидат присутни секој ден во голем број.

-Со плата од 25 илјади денари која ја земаат во просек 70 проценти од вработените во секторот култура, месецот не може да се преживее. Во петокот министерот за финансии Фатмир Бесими не ги прими нашите претставници и во таа смисла, сакаме да порачаме дека нема да се откажеме, ќе бидеме присутни секој ден и во голем број, рече Костовски.

Тој нагласи дека постоечкиот општ колективен договор не го ограничува правото и сега да се склучи поединечен договор на ниво на работодавец.

-Затоа, останува нејасно, зошто ние добиваме негативно мислење за потпишување на колективен договор, а Министерството за финансии побрза да го реши проблемот на своите вработени дури и со Закон? Бараме од Владата да не дозволи нерамноправен третман на вработените во јавниот сектор. Очекуваме министерот Бисими денеска да не прими и да не се оглушува на нашите барања. Ако имиџот на една држава се гради и преку културата, бараме да не дозволите недостоинствен третман токму на луѓето кои ги администрираат сите потреби кои произлегуваат од остварувањето на културата во нашата држава, додаде Костовски на денешниот протест.

Претходна вестНагло опаѓа вредноста на Твитер, сега вреди помалку од 20 милијарди долари
Следна вестЗафатеноста на адвокатката го одложи судењето на Латас и на Лазаров