Зафатеноста на адвокатката го одложи судењето на Латас и на Лазаров

Веднаш по започнувањето се одложи судењето на новинарот Драган Павловиќ – Латас и на јутјуберот Стефан Лазаров во Основниот кривичен суд во Скопје. Причината за одложувањето беше зафатеноста на адвокатката на Латас која истовремено беше на друго судење и не можеше да присуствува на денешното прво рочиште. За датум за следно рочиште е определен 10 мај 2023 година.

Двајцата се обвинети дека преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство кон жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста.

-Првиот обвинет, гостувајќи во интервју објавено на 14 февруари како поткаст на јутјуб-канал на вториот обвинет, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Вториот обвинет, иако бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, сепак, не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан, соопшти ОЈО Скопје при поднесувањето на обвинението на 21 февруари.

Латас, гостувајќи во интервју како поткаст на Јутјуб каналот на Лазаров, објавено на 14 февруари, говореше за неговото сексуално искуство во тинејџерските денови со девојка.

Претходна вестВработените во културата ќе протестираат секој ден додека не добијат покачување на плати
Следна вестЗагрижувачко: Македонија ќе е полна со трње, а увезува кромид и лук