Време е Филипче да реагира ревносно околу смртноста на пациентите како што силно реагираше во одбрана на Заев

Вчерашниот поразителен биланс од 30 починати лица одново потврди дека Македонија е на врвот на црната статистика на починати од корона вирусот во регионот. Со таков биланс сега во нашата земја има вкупно починати 1630 лица, односно, дури 782 по милион жители, а што е значително повеќе од останатите земји. Зад Македонија се најблиску Босна и Херцеговина со 758 починати лица на милион жители население откако во оваа земја вкупната бројка стаса до 2480, како и Црна Гора во која до сега се починати 316 лица, односно, во просек 747 на милион граѓани.

Останатите земји во регионот имаат нешто подобри статистики. Во Словенија овој просек на починати лица од корона вирусот по милион жители стаса на 599 лица, во Бугарија 486, Хрватска – 379, Грција 192 а во Србија 157.

Очигледно, Македонија треба да биде најзагрижена земја заради овој поразителен резултат. Меѓутоа, во нашата земја здравствните власти и натаму не даваат некоја детална анализа за ваквата висока стапка на смртност. Како и порано, и сега се даваат објаснувања дека главните причини се присутноста и на другите болести кај инфицираните и доцното јавување на клиники. Се најавуваа и анализи за смртноста, но тие не се објавија во јавноста и прашање е дали воопшто се направени.

Министерот за здравство со ова прашање како и да не се занимава иако од страна на медицинските експерти доаѓаат апели да се направат протоколи за постапување на матичните лекари кои се најважни за правовремено лекување на инфицираните. Наместо тоа Венко Филипче вчера најде време и да се занимава со политика упатувајќи му искази на подршка на премиерот Зоран Заев по скандалозното интервју за бугарската агенција „Бгнес“. Ајде време е Филипче да биде ревносен и во здравството-односно околу големата смртност на пациентите, како што му е главна грижа политичкиот опстанокот на Владата, односно на Заев. 

Претходна вестФатена група на дилери, запленети 3,5 килограми марихуната
Следна вестЗапочна Божикниот пост во чест на раѓањето на Исус Христос