Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, донесе одлука по жалбата на обвинетиот А.Ѓ., изјавена против Решението за продолжување на мерката притвор, во кривичниот предмет познат во јавноста како „Убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска“.
Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија, по одржаната јавна седница на ден 13.03.2024 година, донесе Решение ВКЖ1-11/24, со кое жалбата на обвинетиот А.Ѓ. од Скопје, изјавена преку бранителот Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја одби како неоснована и го потврди решението на Апелациониот суд Скопје КСЖ-223/24 од 01.03.2024 година.
Врховните судии решаваа по жалбата на Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања Ѓорчевска, против мерката притвор во случајот со убиството на неговата ќерка, а во кој тој е осомничен.
-Јас сум на два света во моментов. Едното дете се наоѓа тука, другото ми го земаа. Не ми е битно каде ќе ја дочекам оваа разрешница. Кога ќе се донесе одлуката ќе донесам лична одлука дали ќе се придружам на постарата ќерка, рече во исказот Ѓорчевски.
На рочиштето беа присутни и неговите родители, а врховните судии дозволија тие да поминат две минути заедно со синот.
Обвинителката Наталија Тасевска бараше Александар Ѓорчевски, татко на Вања, да остане во притвор, додека неговиот адвокат Владимир Туфгеџиќ бараше тој да се брани од слобода.
Според обвинителката Тасевска постои висок ризик тој да избега или да го повтори делото. Немаше образложение врз основа на кои докази го искажува тоа тврдење.
Адвокатот Туфегџиќ кажа дека Ѓорчевски е неоправдано во притвор и дека со тоа се прави уште една трагедија, покрај убиството на неговата ќерка. Посочи дека за притворот нема основана аргументација.
Малолетната Вања и велешанецот Панче Жежовски, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Велес и Скопје на 3 декември.