Од 15 декември до 15 јануари ќе трае конкурсот за наградата „Роман на годината“ распишан од Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Право на учество имаат романите кои за првпат се објавени на македонски јазик во 2020 година. Заедно со пријавата на конкурсот, кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот кои не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (ул. „Димитрие Чуповски“ бр. 23/1-1) или по пошта на адреса на Фондацијата, бул. „Кузман Јосифовски Питу“ 19/6-40, Скопје). Ако пак се испраќаат по пошта во трка ќе влезат оние пишани дела кои ќе стигнат заклучно со 15 јануари, а од фондацијата препорачуваат да се доставуваат во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. „Песот со тажен поглед“ на писателката Оливера Николова е лауреатот на „Роман на годината“ за 2019 година, а Николова е и првата од досегашните добитници која оваа награда ја доби по вторпат, по наградата за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.