За 23 години во Македонија изгореле 2,5 милиони метри кубни шума на 201.121 хектар

Цели 2.495.835 метри кубни шума изгореле во пожарите коишто во последниве 23 години избувнаме во разни шумски подрачја во Македонија. Овој податок денеска беше презентиран во Извештајот за управување со пожарите на ниво на предел во Македонија во рамките на четвртата работилница од осумгодишната „Програма за управување со пожари на ниво на предел“. На неа учествуваа претставници од речиси сите релевантни институции како и приватни организации и здруженија.

Извештајот покажува дека во Македонија од 2000 до 2021 година имало вкупно 4.811 пожари кои изгореле над 201.121 хектар површина. Вкупниот опожарен шумски фонд, пак, во текот на 23 години е 2.495.835 метри кубни.

-Бројот на пожари и опожарени површини значително варираше од година во година. Во 2007 година земјата доживеа голем број пожари (652) и значително изгоре површина од 35 248 хектари. Вкупната опожарена површина значително флуктуираше во различни региони низ годините. Опожарената површина во Пелагонија се движеше од 779 хектари во 2012 година до 2 010 хектари во 2018 година. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека шумските пожари значително ја зафаќаат Македонија, а најчести и најобемни пожари се во Југоисточниот регион. Други региони како источниот и југозападниот, исто така, се соочија со високи опожарени области во некои години, се наведува во Извештајот.

Министерот за земјоделство и шумарство Љупчо Николовски рече дека овој Извештај има за цел да придонесе кон подобро разбирање на состојбата со пожарите на ниво на предел во Македонија.

-Предвид се земаат шумите и другото шумско земјиште, како главен екосистем во кој се случуваат пожарите, вклучувајќи ги и пределите односно целокупниот пејзаж кој е потенцијално загрозен од пожар. Извештајот јасно ги детектира слабостите на системот и дава насоки за подобрување на состојбата и изготвување на национална стратегија, како основа и клучен документ врз кој ке се водат идните политики за управување и заштита на шумите и пределите од пожарите, рече тој.

Како дел од слабостите во управувањето со овие пожари се посочуваат тешко достапните природни области, непостоењето ефикасна меѓуинституционална комуникација и координација, недоволната имплементација на законските одредби, непочитувањето на законите, недоволните ресурси за спроведување на мерките за противпожарна заштита, бавното решавање на кривичните или прекршочните постапки, недоволните човечки ресурси за управување со пејзажни пожари, недоволната техничка опрема, миграцијата на населението, пироманијата и намерното палење земјиште заради економска корист и недоволниот број доброволни противпожарни единици.

Извештајот укажува и на немањето закон за оџачари во земјава, на невклученост на сопствениците на приватните шуми во управувањето со пејзажните пожари, на отсуство на национален план за управување со пејзажни пожари, на совпаѓање на законските надлежности на институциите, како и на отсуство на унифицирана методологија за собирање податоци за пејзажни пожари. Проблем е, беше истакнато, и немањето доволен број експерти за управување со пожари, практичари и истражувачи.

Претходна вестУaпсен 39-годишник од Студеничани, возел украден џип
Следна вестСледната недела штрајк на царинските службеници во Грција