За 3 децении нормално беше да се развие некаков отпор, некакво незадоволство, некакво „не“

Познатиот новинар и писател Георги Барбаровски во интервју за бесплатниот неделник „Македонско Ехо“ посакува да се случи пресврт во практицирањето на власта во Македонија...

Кога ќе кажете Македонија, кои мисли и слики прво Ви се појавуваат?

-Како да станува збор за држава во која луѓето живеат во таква егзистенцијална осаменост во која татковинската мечта не успеала кај нив да развие свест дека понекогаш учтивоста спрема неодржливите состојби станува неучтивост спрема луѓето кои ги трпат тие прилики. За три децении нормално беше да се развие некаков отпор, некакво незадоволство, некакво „не“! Не најдовме ниту минимално „единство во мноштвото“, за ништо. Изненадувачко е тоа како принципот на „наведнатата глава“ толку долго може да ја одржува функционална плацентата на нашата татковина, макар и анемична, каква што несомнено е.

Кои се најкрупните 2-3 грешки кои се направија во Македонија во последните 30 години?

-Криминалната приватизација; отсуството на национална стратегија; негативната селекција при изборот на владејачките елити. На тоа може да се додаде само уште моралниот гниеж во кој, како човечки суштества, тонеме. Оттука главно произлегуваат сите проблеми кои не можеме да ги решиме. Неверојатно е, кога човек ќе направи рекапитулација, како поминале последните триесетина години во кои самоволието го обележа нашиот живот. Така е затоа што желбата кај тие што нè лажат и нè крадат не се раѓа поради идеологија или недостиг, туку поради порок. Што и да му дадеш на таков човек само ќе му ја продлабочиш алчноста.

Дали Вие доволно и дадовте на Македонија?

-Сиот работен век бев новинар. Работев во весниците: „Трибина“, „Нова Македонија“, „Дневник“ и „Време“. Пишував на теми од политичкиот, стопанскиот и културниот живот. Плод на ангажманот во новинарството е книгата „Име, кажи како се викаш?“ – избор коментари и есеи. Покрај тоа, напишав и објавив неколку поетски и прозни книги за чија вредност не е убаво јас да зборувам. Од политиката бегав колку што може да се побегне ако веќе си прифатил да работиш како новинар. Повеќе од 10 години живеам и дејствувам од позиција на антиполитичар. Тоа не значи дека сум аполитичен. Антиполитичноста подразбира лична самозаштита од предоминацијата на политичките механизми. Антиполитиката е израз на мојот духовен отпор на прекумерното влијание од политичката власт.

Што Ви недостасува а, што би одзеле од државата?

-Ми недостасува тоа што не е на продажба: време. За жал, тоа ниту државата не може да ви го даде. Но, организирана држава може да ви ги направи попријатни годините што ви преостанале. Сликата на испразнети села и градови, на училишта во кои секоја година бројот на паралелки драстично се намалува не оди во прилог на тоа. Во многу населени места во Македонија свадби со децении не се направиле. Што да очекува човек од држава која си ги протерала своите млади!?

Во каква Македонија сакате да живеете?

-Би сакал еднаш да се случи власта дојдена по демократски избори јавно да се обврзи дека ќе си замине пред истекот на мандатот доколку не ги исполни трите главни ветувања. И тоа да го направи! Со таков чин може да направи пресврт во практицирањето на власта. Тоа ќе даде надеж за враќање на етичноста и одговорноста. Тогаш сите идни власти ќе знаат која е цената за привилегиите на избраните. Отсуството на владеење на правото, неспособноста и ароганцијата на домашните политички елити, корупцијата, криминалот и алчноста ја дестабилизираат Македонија. Ако се прекине тој синџир, верувам, ЕУ самата ќе ја побара Македонија, без дополнителни условувања и уцени.

Во таа смисла го прифаќам прогласот на Македонците интелектуалци од 2022 година во кој, меѓу другото, се вели дека „Македонизмот и Македонија не се ретроградни феномени. Напротив, македонизмот е еманципаторска и обединувачка идеја, а нејзината реализација е фактор на мир и стабилност во регионот и во Европа. Нема разумна причина да се тврди дека македонизмот внесува неспокојство кај другите балкански народи.“

ЛУЃЕТО СЕ ВО АГОНИЈА, А ВЛАСТА УШТЕ СЕ ЧАЛАМИ

Граѓаните даваат и плаќаат даноци, но дали властите доволно и даваат на државата?

-Во сите демократски земји граѓаните плаќаат даноци, а со тие пари се градат патишта, градинки, училишта, здравствени домови, културни добра… Кај нас милиони евра собрани со даноците на граѓаните се фрлаат за отворање на коцкарници и уште ги убедуваат дека тоа носело развој, посета на туристи, експанзија на благосостојба. Луѓето се во агонија, а владејачката номенклатура уште се чалами. Чаламот е самозадоволство што сака да се покаже, без оглед на тоа колку е навредливо, понижувачко, неподносливо.

Претходна вестУтре без струја населба и село Радишани
Следна вестИзмена на режимот на сообраќај на патот Прилеп – Битола поради градежни активности