За бесплатните налепници и за сообраќајните дозволи граѓаните денеска плаќаат по 990 денари

Exif_JPEG_420

Вкупно 990 денари ги чини граѓаните добивањето на „НМК“ налепници за регистарски таблички и промената на старите сообраќајни дозволи по станиците за технички прегледи и регистрација на возилата. Вакво е искуството на некои граѓаните кои денеска биле во некоја од станиците за да си ја исполнат наметната обврска за промената. Денеска, инаку, според вчерашното владино соопштение, требаше да почне да се применува одлуката со која менувањето на возачките и на сообраќајните дозволи ќе биде бесплатно. СДСМ дури и се пофали дека тоа е по заслуга на нивните пратеници и министри.

За тоа дека и денеска се вршеше наплата за промената на социјалните мрежи реагираа граѓаните. Познатиот спортски новинар Зоран Михајлов на својот Фејсбук профил ја објави и фискалната сметка од која се гледа дека за менувањето на сообраќајната дозвола и за налепницата му е наплатено вкупно 990 денари.

-Изутрина бев во една станица за технички преглед во Карпош за да си ги земам налепниците и да ја сменам сообраќајната дозвола на којшто се уште имаше слободни графи, но е со старото име на државата. На шалтерот на МВР службеникот ми издаде фискална сметка и побара да платам 990 денари, а што и го сторив. Не ми објасни ништо дали сум ослободен од нешто врз основа на вчерашната владина одлука, ни изјави Михајлов.

На фискалната сметка којашто тој ја објави на Фејсбук се гледаат ставки: Приходи од такси – 110 денари, Оперативни трошоци – 580 денари, како и Административни услуги од 100 и од 200 денари, односно, се заедно 990 денари.

Михајлов вели дека налепниците ги добиле и дека не им биле залепени во станицата туку дека тоа самите ќе го сторат дома.

Дел од медиумите денеска објавуваат дека во станиците за технички преглед сообраќајните дозволи и денеска се наплаќаат. Според нив, возачите тврдат дека вработените на шалтерите им кажале дека до сега немаат добиено официјално известување за да престанат со наплата на документите за автомобили.

Претходна вестНаставничката која го преживеа масакрот во Белград ќе добива доживотен паричен надомест
Следна вестДве малолетнички претепале девојче , ОЈО презема мерки за расчистување на случајот