За една недела бројот на заразени со голема кашлица се зголемил за 21 отсто, велат од ИЈЗ

Најголем број од заболените со голема кашлица се од Скопје – 33 (84,6 отсто) во девет различни општини, три лица во Куманово, две во Гостивар и еден во тетовско Боговиње.

За една недела, односно од 9 до 15 февруари, се пријавени 17 нови случаи на заразени со голема кашлица, што е зголемување за 21 отсто во споредба со претходниот седумдневен период, покажуваат податоците од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).

Сите пријавени случаи, како што информираат од Институтот се од Скопје, а најголем број од нив се на возраст од 10 до 19 години.

-Од новите 17 случаи, 5 случаи се хоспитализирани (3 деца на возраст до 4 години, и по едно во возрасна група од 5-9 год и од 10-14 години), се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Оттаму посочуваат дека од добиените податоци од центрите за јавно здравје низ целата земја во периодот од 18 јануари до 14 февруари утврдена е бројка од 4 197 деца кај кои е пропуштена вакцинација. Од нив 984 се вакцинирани, односно 23 отсто.

-Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (439; 45 отсто). Согласно возраста и календарот за редовна вакцинација, вакцинирани се 4 679 деца на возраст до 7 години, а најголем број и процент (1 591; 34 отсто) од вакцинираните примиле втора ревакцина на школска возраст, се наведува во извештајот на ИЈЗ.

Инаку, првиот пријавен случај на голема кашлица беше пријавен во јануари, годинава. Според извештајот, заклучно со вчерашниот дена во ИЈЗ се регистрирани вкупно 39 случаи на голема кашлица.

Претходна вестСончево време со температура до 17 степени
Следна вестНе и се лутете на власта и Спасовски, може имаа добра намера…