Не и се лутете на власта и Спасовски, може имаа добра намера…

Хаосот со промената на личните документи на граѓаните во Македонија не запира. Напротив. Состојбата веќе станува крајно загрижувачка. Една третина од македонското население е ставено во државен притвор и не може да патуваат надвор од државата. Безглаво, во последни моменти ја спасуваа ситуацијата со возачките дозволи, сообраќајните дозволи, до последен ден од наметнатиот рок немаше каде да се набават фамозните налепници „НМК“…

Вакво понижување, малтретирање и хаос немаат доживеано граѓани на ниту една држава па дури и ако била под окупација од странски сили. Сметате дека оценката е престрога?

Па каде се случило население на некоја држава да има речиси неостварливи шанси (во догледно време) да извади нови лични документи? Имало и по 500 јавувања во минута на телефонската линија на МВР. Обрасци за пасоши нема доволно иако мора да ги има. Сега редици се случуваат и за возачки дозволи, за сообраќајни, за налепниците за табличките кои ги немаше до последен момент…

И, што би рекол Зоран Заев – „згора на тога“ доскорешниот министер во МВР, Оливер Спасовски“ синоќа истакна дека не чуствува вина за хаосот и не се извини. Напротив, вели работел по план, а граѓаните…

Да се потсетиме се даваа изјави од претходниот министер Спасовски дека процесот ќе заврши до февруари, тоа и се кажувало дури и на грчката амбасадорка, дури и во јули минатата година кога бројот на граѓани кои чекаа на промена изнесуваше околу 800.000 лица. Тогаш и најпроста математика кажуваше дека за да се исполни рокот до 12 февруари ќе треба секој ден по 3.900 граѓани да менуваат пасоши, а што беше невозможно. Но, тоа никого во МВР не го мобилизира.

Дали е можно некој пред целата јавност на ваков начин да си ја покаже сопствената неспособност? Па нели тоа се сериозни луѓе, дали можеби од власта имаа друг план што ние „обичните“ не го разбираме? Може Владата сосе Спасовски имаа добра намера да го сопрат иселувањето од Македонија кое е масовно и често испровоцирано токму поради нив? Може сакаа да си ја поправат грешката, затоа и не треба да им се лутиме?

Владата не се обиде да го одложи ултимативниот рок

Доскорешниот министер Спасовски знаеше ли прецизно колку жители и колку македонски пасоши има издадено државата? Како мислеше дека „процесот се доведува до крај“? Зошто нема доволно обрасци? Зошто до последен момент ги немаше фамозните и неписмени налепници?

И кога ќе се тргне така лефтерно нормално е дека лекот на хаосот не се најде. Претходниот премиер Димитар Ковачевски и шефот на државата Стево Пендаровски јавно се натегаа кој да се јави во Грција за да издејствува продолжување на рокот за замената. Но, никој не се јави…, ниту пак сега во парламентот мнозинството пробува со мала измена на закон да го продолжи наметнатиот рок барем до крајот на годината – исто како за возачките дозволи.

Претходна вестЗа една недела бројот на заразени со голема кашлица се зголемил за 21 отсто, велат од ИЈЗ
Следна вестОсмани има нешто да ве израдува околу Преспанскиот…