Колумна на Владимир Величковски:
Современици сме на еден грд, политизиран свет на криза и конфликти, на безмилосно уништување на земји и на народи. Не се случајни ниту апокалиптичните предвидувања.
На големиот празник Педесетица, со малку мир во душата и поглед во себе го следев петчасовниот пренос на свечената литургија на вселенскиот патријарх Вартоломеј, кој на грчки јазик со почит и признание се обрати кон архиепископот Стефан кој, пак, во својата реч ја искажа на убав македонски јазик и со внимателно одбрани зборови. Тоа беа моменти на свеченост и гордост, потврда на национална историја и идентитет за наследниците на големата Охридска архиепископија. Во очекување сме на Томос за автокефалност на македонската црква, но под кое име!?
Македонската држава, исто така, страда од поделби и несреденост на функцијата на институциите, од различното делување на партиите дури до степен држава во држава. Хаосот и ирационалноста, а не умот и разумот се белези на организирањето на целата држава. Страв и очај ги притиска луѓето, загрижени за сопствената егзистенција.
Никој, меѓу другото не открива кој дозволи во Битола да биде отворен т.н. културен клуб „Ванчо Михајлов“, негативен лик не само за македонската историја!? Се случи инцидент, реакција на оваа тешка провокација: оштетена е вратата на клубот а сторителот е веднаш, како криминалец, ставен во притвор. Зошто не се регирало, исто така, и за многу потрагични несреќи или инциденти? Овој најнов пример зборува за нашата понизност и додворување кон посилниот. А што се случува во соседната Бугарија? Тука пред се мислам на непризнавањето на македонското малцинство, на оштетувањето на просториите на ОМО „Илинден“ без никаква реакција од тамошните власти, кои и за големата автобуска несреќа се прогласија за невиновни.
Хуморот, забележал Октавио Пас е „голем пронајдок“ на модерните времиња. И на тој план сме неподготвени и служиме за потсмев. Водечките личности на Отворен Балкан го пречекаа германскиот канцелар (кој ги земал предвид само бугарските хегемонистичи уцени и барања кон Македонија) и ја слушнавме ироничната забелешка (упатена кон агресивниот источен сосед и особено кон ЕУ) дека имаме премиер на идна „Западна Бугарија“. Можеби требаше да слушнеме шеговита реакција, иако не ни е до шегата, ама на темата „Голема Албанија“! Во секоја шега има и вистина, нели! Од партии кои ја разнебитија државата не може да се очекува иднина според потребите на народот.
Дете со црномуресот лице се појавува од контејнер, како на филм. Се одбележува Меѓународниот ден на детето, меѓутоа, ние и на овој план го допревме дното. Ако сакате вистински мир во светот, вели Ганди, почнете со децата. Направени се разни злодела врз децата од страна на институциите (од градинки, училишта, центри, министерства…) кои не си ја знаат работата. Нашата „Хибридна држава“ толерира насилство. Режирано самоволие или насилство без контрола? Детството е тажно. Кога децата ќе потпораснат имаат ограничен лош избор: или во партија или надвор од земјата (татковината). А да влезат на работа им е потребен „вујко владика“. Со која цел партијата на „пастирот“ подигна нови, но грди згради во дворот на УКИМ? Таквиот момент беше почеток на систематско доурнување на високото образование, на засилено штанцање на дипломи и титули без знаење. Станавме рекордери по бројот на неписмени и партиски вработени во државните институции. Некој ќе рече: па ни Ајнштајн не бил „скроз одличен“! Што, меѓу другото, може да направиме за некое наше „чудо од дете“?
Продолжува дивеењето на „урбаната мафија“, а министерот – архитект го премолчува одговорот на трипати поставеното прашање кои се тие кои заради профит ги уништуваат градовите. Тој, вели, работел според закон кој должноста и одговорноста ја насочува кон општините кои заедно со граѓаните требало да одлучуваат што и каде да се гради. Каква „стручност“ и патриска „одговорност“! Нобеловец-економист (а ние многу порано) ни кажа да си ги поправиме дупките на патиштата, а партиите упорно пропагираат дека ќе направат нови патишта, а ќе ги поправат старите. Притоа, забораваме колкави дупки има во законот и во нашата свест и совест. Колку упорно се зборува против „семејното насилство“ и против „родова рамноправност“ ( и тоа од партиски лица на власт) а повторно сме на самото дно, со нашиот простотилок. Зарем може да се пофалиме со разумност кога дозволуваат да ни пропаѓа земјоделието и сточарството, здравството и на она што се нарекува синџир на правосудството чија искривоколченост генијално ја претставил Оноре Домије во карикатурата „Двајца адвокати и смртта“!. Се што ни се случува, тука и сега е „запишано горе“, како што вели „Фаталистот Жак“.
Зборот и знаењето немаат сила ниту власт, а колумничирањето на разни графомани во пишаните и во електронските медиуми се на дното, вистинска беда на пристрасни „аналитичари“. Каде исчезна истражувачкото и објективно новинарство, какво значење има денес еден Харвард или Сорбона? Обичниот човек стресно забележува дека непречено делуваат „профитери во криза“ на каде се инспекциските „одреди“? Која ја „води“ културата? Очигледно, случајни и некомпетентни лица, селективно по ентичко-партиска линија. Не е наш изум во живо да се пренесуваат сцени на полициска бруталност, а тие „кутрите“ во „борбата против насилието“ имале законски ограничувања по „европски“. Како да гледам неидентификуван „Човек – птица“ на прозор кој се подготвува да одлета некаде. Мистериозно ни останаа само лаги и грабеж.