Од 19 на 16 години затвор е намалена затвроската казна за Бесир Бела и Скендер Демири, кои се осудени за убиството на Никола Саздовски – Саздо во јуни 2018 година во скопска Автокоманда. Ваква одлука донел Апелацискиот суд решавајќи по поднесената жалба. Веста за ова ја објави адвокатот на семејствата на жртвите Ванчо Шехтански на Фејсбук.
Според него, причина за намалување на казната од 3 години е тоа што, Судот сметал дека обвинетите биле млади лица и претходно изречената казна од 19 години била превисока.
Бесир Бела (20) и Скендер Демири (21) се осудени во април минатата година при што се задолжени да им платат поединечно на сите членови на семејството на убиениот Саздовски и по околу 15 илјади евра за секого, за нематеријална штета и душевна болка. Во моментот на сторување на тешкото кривично дело тие немале наполнето 21 година, па ја избегнаа доживотната казна затвор.
Во судскиот процес тие по обвинението за свирепо убиство на Никола Саздовски се изјаснија како невини.
За денеска во 12 часот е закажано и рочиштето за третиот обвинет во овој предмет, Јетон Љужа кој беше во бегство, па фатен од полицијата.