За три години Владата потрошила 5 милиони евра за возила на лизинг

Пет милиони евра за изнајмување возила по пат на т.н. оперативен лизин потрошила Владата во периодот од 2018-2021 година, беше кажано на денешната седница на Државната комисија за спречување на корупција.

-Видни се недостатоци во процесот на планирање на примената на ваквата опција, пред сè отсуство на опсежна анализа на аспектите на нејзината економска оправданост, предупреди Шемси Салаи, членот на Комисијата.

Комисијата заклучи дека договорите за оперативен лизинг најчесто се склучувани со ист економски оператор кој бил фаворизиран, и не претходела анализа на исплатливоста на изнајмување на возила преку лизинг.  Следна слабоста која е идентификувана во ова анализа на ДКСК, е отсуството на процедури или соодветни подзаконски акти со кои се регулира обврската за соодветно планирање на потребата од возила со конкретни карактеристики и прецизна намена од страна на службата која планирањето треба да го спроведува со детален осврт кон сите финансиски, безбедности, еколошки и други аспекти, вклучително и условите за користење на возила со такви карактеристики (распоред, приоритет, околности, време на користење, часови на користење).

Од тие причини Комисијата за спречување на корупцијата ќе и достави детална анализа на заменик премиерката за политики за добро владеење Славица Грковска со препорака да обрне внимание на склучување на лизинг договори за пополнување на возниот парк на Владата и институциите под нејзина надлежност.

Според конечниот извештај на Државниот завод за ревизија, вкупниот број на моторни возила со кои располага СОЗР заклучно со 31.12.2020 година изнесувал 126 моторни возила, од кои со 90 располагала СОЗР, а 36 биле распределени во други институции. Од вкупниот број на возила, 11 биле со старост од 22 до 47 години, 58 со старост од 12 до 21 година, а 57 со старост од 3 до 11 години. Во однос на типот на возилата, 111 биле патнички моторни возила, 11 биле товарни моторни возила и 4 биле автобуси. Од нив 45 биле изнајмени по пат на оперативен лизинг.

-Потребно е домаќинско работење на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) во чија надлежност е опслужување на Владата и на јавните претпријатија со службени возила, рече претседателката Билјана Ивановска.

Претходна вестВархеји сака договор во јуни, Петков со три барања кон Скопје
Следна вест55 новозаразени од Ковид-19, 431 активен случај