Поранешниот премиер Никола Груевски е осуден на девет години затвор, поранешен министер Миле Јанакиески на три а поранешен градоначалник на Гази Баба Тони Трајковски на четири години затвор за уривањето на објектот „Космос“. Пресудите денеска ги изрече Советот од Кривичниот суд во Скопје во случајот „ТНТ“. Освен нив, и обвинетата поранешна градежна инспекторка Елисавета Најдовска е осудена на четири години затвор. Три службени лица од Општината добија ослободителна пресуда.
Според пресудата осудените ќе треба солидарно да ја надоместат и нанесената штета на бизнисменот Фијат Цановски, во износ од 683.514.964 денари или над 11 милиони евра.
Нив им се судеше за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Според обвинението, сега осудените во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Судијата образложи дека во периодот од 1-ви април 2012 до крајот на истата година, тогашниот претседател на Владата, Груевски заедно со министерот за транспорт Јанакиески, одлучиле да му се одмаздат на Фијат Цановски, заради неговата одлука да ја напушти владината коалиција со партијата ПЕИ и склучил коалиција со СДСМ. Груевски и Јанакиески искористувајќи ја владејачката моќ го поттикнале Тони Трајковски да ја злоупотреби службената положба кој бил градоначалник на Гази Баба предложен од ВМРО ДПМНЕ и незаконски да го сруши Космос кој бил граден од фирмата на Фиат Цановски.
Во постапката, јавниот обвинител Бурим Рустеми тврдеше дека во текот на судскиот процес со сигурност се докажало дека обвинетите ги сториле делата што им се ставаат на товар. Односно, дека обвинетиот Никола Груевски ја злоупотребил својата позиција и влијание како премиер да ја оствари својата желба да му го урне комплексот Космос на својот политички противник Фијат Цановски и да му нанесе финансиска штета.
Одбраната, пак, до крајот на судскиот процес тврдеше дека рушењето бил законски бидејќи се градело спротивно на одобрението за градба и биле прекршени законите со оглед дека инвеститорот излегол од предвидениот габарит.