Благодарение на северниот сосед во Македонија се одвива малку посериозна вакцинација на населението. Србија го покажа пријателството кога е тешко. Како Македонија ќе возврати на големиот соседски гест?
На ова прашање вели дека размислувал и премиерот Зоран Заев кој синоќа на телевизиски настап го поздрави пријателскиот гест на Србија.
-Тоа што го добивме во моментот од Србија како донација ни е доволно за периодов. Зборував со Израел, со Британија, Франција, значи речиси нема каде не сме се обратиле, но ете нашиот сосед ни излезе во пресрет. Не можете да се раздолжите кон ваков чин пријателство. Се размислува летово на возилата со српски регистрации да им поделиме картички за патарини за да не плаќаат, да се оддолжиме некако, иако тоа нема цена, но сепак Србија дала пари на граѓаните за тие вакцини. На пријателството да вратиме со пријателство, истакна Заев во емисија на Канал 5.
Инаку, Заев објаснуваше дека направил се Македонија да добие вакцини.
-Ние сите сакаме дома да имаме вакцини, но тие се околностите. Јас имав непријатно чувство оти наши сограѓани патуваа во Србија по вакцини, но не смееме да кажеме дека државата не направила ништо, напротив, државата направи се и во тоа сме сигурни. Тргнавме преку десетици компании, преку безбедносни служби со кои имаме реална соработка, сите да направат се што можат. Не сакам да не обвинуваат дека ништо не правиме, рече Заев.