Заев: ЛДП можела да почека за делување самостојно, времето не е соодветно за таква одлука

Како удар и повреда на коалицискиот договор, денеска Зоран Заев ја оцени постапката на ЛДП за самостојно делување во парламентот.

-Ваквиот исчекор на ЛДП е повредување на коалицискиот или заедничкиот настап. Не е потребно сега, можело да се почека 15 дена или месец дена, ама ЛДП е партија и сама си одлучува за тоа. Објаснувањето за ова е дека сакаат да имаат поголема видливост, бидејќи наводно помалите партии се претопени во поголемите и го разбирам тоа. Ова го сметам за удар на СДСМ, бидејќи времето не соодветно за таква одлука, изјави Заев.

Тој посебно потенцира дека ова е испраќање на јасна порака која што е повредување на коалицискиот договор во околности кога опозицијата тврди дека може да формира мнозинство, а власта тврди дека тоа апсолутно не е возможно.

ЛДП денеска соопшти дека ја активирале старата одлука за самостојно делување но дека и натаму ќе продолжат да ја поддржуваат Владата.

Како и да било, одлуката на либерал-демократите само уште повеќе ги подгреа сите калкулации дека наскоро во македонскиот парламент би можело да се созададе ново парламентарно мнозиство. Неговот создавање веќе неколку недели го најавува најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ а во прилог на тоа одат и изразите на незадоволството кои доѓаат од редовите на владината коалиција. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски деновиве изјави дека е убеден во правењето на ново мнозинство.

-Се надевам дека не очекувате сите тие со кои што преговараме и јавно да излезат. И да кажат каква ќе биде постапката за уривање на владата. И да кажат да ние сме тука и ќе бидеме глинени гулаби за машинеријата и инструментите на Зоран Заев за притисок и уцени и.т.н. Сигурно не сме ниту тие ниту ние доволно наивни. Да почекаме ќе покаже времето што доаѓа наскоро дали јас сум бил во право или пак некој друг бил во право, изјави Мицкоски.

Ова на свој начин го отвори прашањето дали има партии и пратеници кои би можеле да ја напуштат владината коалиција и да се придружат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ? Опозицијата во парламентот има вкупно 58 пратеници а владината коалција 62. Лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети неодамна категорично изјавија дека парламентарното мнозинство е стабилно и нема да има предвремени парламентарни избори.

Но, прашањето сега е колку е стабилно во редовите на коалиција која ја предводи СДСМ. Партијата на премиерот Заев има само 29 пратеници од своите редови, а останатите во својата коалиција се на помалите партии. Неодамна, Партијата за движење на Турците ја напушти коалицијата со СДСМ во Радовиш, а пратеник на оваа партија Енес Ибрахим не ја исклучи можноста „за излегување од мнозинството, но не и преминување во другиот табор“. Оваа партија на конгрес ќе одлучува дали ќе остане во коалиција со СДСМ.

Напоредно со ова, лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов веќе неколку пати во последнен период има различни ставови од владината коалиција. Тој јавно кажа дека му е неприфатливо внесувањето на етничкиот идентитет на граѓаните во личните карти, а е незадоволен и од справувањето со корупцијата.

-Македонија е високо криминилазирано општество, рече тој деновиве по поразителниот извештај на „Транспаренси Интернешенл“.

И поранешната лидерка на коалицискиот ДОМ Лиле Поповска, која има силно влијание во оваа партија, во последен период е критички настроена. Таа жестоко реагира на етнички лични карти, на проекти за мали хидроцентрали, на тоа како се решава проблемот со Бугарија… поради што е прашање како оваа партија на чие чело сега е Маја Морачанин ќе се постави во следниот период.

Сега на сето ова се надоврза и ставот на ЛДП која има двајца пратеника и по што е прашањето дали владеачката коалиција ќе остане во ист број и во наредниот период?

 

Претходна вестПоскапуваат горивата
Следна вестМијалков „исчезнал“ вчеравечер меѓу 19 и 21 часот – од попладнево се бара со меѓународна потерница