Очигледно е дека Република Бугарија ќе ја стави блокадата и ќе имаме вето оваа година, изјави премиерот, Зоран Заев.
Тој смета дека најдобро би било да се почека да поминат изборите во Бугарија, за да се размислува трезвено и прашањето да се решава на пролет.
Заев посочи дека ќе свика лидерска средба по завршувањето на преговорите, бидејќи во моментот треба да му се даде шанса на преговарачкиот процес.
– Никаде во светот, европски земји во екот на преговорите не прават лидерска. Веднаш штом ќе заврши ова поглавје на разговори, безразлика дали успешно или неуспешно, јас ќе повикам лидерска, рече Заев во интервју на „Канал 77“.
Тој додаде дека секогаш ќе бидеме земја која прави пријателски чекори кои отвораат перспективи за меѓусебните односи со соседите, вклучувајќи ја и Бугарија, но никогаш за сметка на тоа нема да ги доведеме нашите идентитет и достоинство за кои никогаш нема да се преговара, а тоа е нашиот идентитет како Македонци кои говорат македонски јазик.
– Јас ги разбирам граѓаните и нивните реакции, ама лидерите се тука за да решаваат тешки прашања. Јас правам пријателски чекори кои отвораат перспективи, во нашиот случај европските перспективи и иднина, нагласи премиерот.
Претседателот на Владата рече дека со Република Бугарија се постојано отворени каналите за комуникацијата и интензивно се разговара за прашањата што се актуелизираа и што се поставуваат како пречка за согласноста за усвојување на преговарачката рамка за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
-Разговараме за говорот на омраза, разговараме за патоказот за имплементацијата на Договорот меѓу двете земји. Треба да постигнеме повеќе на планот на економската соработка, да поттикнеме многу повеќе од она што до сега е постигнато, а не е малку. Имаме инвестиции од наши компании во Бугарија. Од Бугарија имаме 13 инвестиции, меѓу кои и најновите кои покажаа интерес за инвестиции во енергетиката, рече премиерот Заев