Загадувањето на Скопје почна. Синоќа, мерната станица во Ново Лисиче, покажа 93 микрограми на метар кубен ПМ10 честички, во време кога е продолжен викенд, и најмалку половина скопјани се надвор од градот. Не беа розеви ни бројките за загаденост во Центар, 11 Октомври и Карпош 4.
Апелите од надлежните е да се носи маска на отворено особено во вакви вечери како оваа, заради тоа што Ковид 19 имало опасност да се врзува со ПМ10 честичките и полесно да се шири. И сето ова предупредување до тука е во ред. Но што прават надлежните по ова прашање:
-Бесплатни маски нема
-Никогаш не ги открија точно загадувачите за точно да се види борбата, а се работи за град што на пример, е населба во една држава како Германија, па не со години туку за два часа ќе се знаеше кој загадува
-Субвенциите за инвертери секнаа, а дивите населби крај Вардар каде живеат претежно Роми и каде се гори се и сешто за луѓето да се згреат, станаа уште „пораскошни“
Значи препораката „носете маски на отворено“ и заканите за погреби како епилог од веселби, не можат да вродат плод кога надлежните не преземаат доволно за да се справат со ковид хаосот – што сега ќе стане уште поголем со загадувањето. Не очекувајте послушност од народот, ако во деновите што следат само мерите ПМ10 честички во воздухот и ништо друго не се прави. Загаденоста ја мерат станиците, вие надлежни институции треба да делувате.