Пендаровски пак повика на помирување и обединување, а работи ли на тоа?

На претседателот Стево Пендаровски му стана навика во секој говор да повикува на помирување и заедништво на граѓаните во Македонија. Така постапи и во денешнатата честитка по повод 11 Октомври.

-Нужно е, час поскоро, да се помириме и обединиме во изградбата на солидарно општество во кое ќе се почитува правото на достоинствен живот на секој македонски граѓанин. Со тоа ќе го дадеме нашиот придонес кон прогресивното, глобално движење за човекови права и слободи, за социјална правда и еднаквост, истакна тој.

Тој неодамна и при прославата на денот на АРМ го потенцира значењето за заедништво, како и тоа дека сите граѓани да бидат еднакви пред законот. Пендаровски пораката за помирување испрати и веднаш по своето стапување на должност претседател на Македонија.

-Време е да ги залечиме отворените рани и реално да го започнеме граѓанското помирување, зашто немаме резервна татковина, потенцира тој.

И така, Пендаровски си повикува на помирување и заедништво, но, сепак, поделбите, реваншизмите, маргинализирањето на оние што мислат спротивно на власта, игнорирање на мислењето на голем дел од населението… остануваат во македонската пракса.

Затоа и логично е прашањето, дали повиците се упатуваат само формално или и се работи за сплотување на народот? Впрочем, може ли во една пригода да повикуваш на заедништво, а во друга да кажуваш и правиш работи со кои не се согласува огромен дел од македонскиот народ?   

-Ако тераат се само по свое, а забораваат дека огромен дел од народот гласал за друга опција и има други очекувања, тогаш ништо од заедништвото, ни прокоментира пред извесно време за потребите на неделникот „Скопско Ехо“ за истата тема, аеродромецот Андреј.

На социјалните мрежи денеска многу луѓе покажаа дека не им е јасна и не им е прифатлива неговата честитка за празникот во која е и повикот за заедништво. На пример познатата историчарка Наташа Котлар, под неговата честитка напиша дека тој избегнува да го спомене македонскиот народ:

-Формулациите „граѓани“ или само, безлично „партизани“, како и мноштвото „националности“ наброени, значи да не се има во предвид историската фактографија и груба манипулација за тековни политички потреби, потенцира Котлар.

Ќе почекаме, и наскоро ќе видиме дали Пендаровски попрво пак силно ќе повика на помирување и ќе чека на Водно тоа однекаде да дојде или конечно ќе почне реално да работи на неопходното заедништво во Македонија при што ќе преиспита и дел од своите досегашни делувања, а ќе прифати и работи кои не потекнуваат само од партијата која го кандидираше.

 

Претходна вестМакедонија се спаси од пораз против Естонија
Следна вестЗагадувањето почна, надлежните и натаму „во лер“