Со Кирил Минанов, електротехнички инженер од невладината Организација за електрични возила – Електромобилност, зборуваме за процесите и можностите околу решавањето на концептот на јавниот градски превоз во Скопје…
Втора година од мандатот на градоначалничката Данела Арсовскае, но граѓаниите се уште не знаат каков концепт на јавен превоз ќе почне да се реализира…
– Во принцип би требало во дисциплината транспорт, решенијата да не зависат од личноста која го води градот, туку од визијата за главниот град, определена во напишана јавна стратегија и јавна долгорочна политика на Владата и тука во таквиот став нема ништо лично. Ако погледнам назад кон политиките на претходните градоначалници од последните дваесет години, заклучувам дека има лутање околу потребите за мобилност на скопјанки и скопјани. Идејата за главен град, по мене, бара поразлично гледање на тоа што има во една држава. Сметам дека електрификацијата на транспортот треба да се врати на голема врата во градот.
Има повеќе дилеми околу основниот концепт: Шилегов предлагаше систем БРТ, а Арсовска прво го запре, а сега вика дека не се откажала од него. Според Вас, кој е основниот концепт на јавниот градски превоз кој би требало да се прифати и спроведе?
– Шилегов имаше шанса да тргне напред со идеја за трамвај за Скопје, но сугестиите што дошле до него од Владата, поради финансирањето од Владата, го натерале да тргне без поддршка од никого и да тера проект којшто не е поврзан со стварноста за градот. Понатаму, да го земеме промашувањето со дизел даблдекерите на Коце Трајановски финансирани од државниот буџет, како и идејата на Трифун Костовски кој објави тендер за прва трамвајска линија со тендер којшто пропадна затоа што Владата не застана зад проектот. Денес сме заглавени со неодлучност, без идеја и без финансии, во загушен град со монструми даблдекери како и со несреќниот проект за брз автобуски транзит којшто е некомпатибилен со географијата, архитектурата и агломерацијата на Скопје и според мене е напуштен како проект, а никој не се одлучува да поведе широка дебата и да побара поддршка од парламентот за робусни инфраструктурни проекти коишто не трпат импровизации. И пак доаѓам до темата финансии; како намерно да е направено, Град Скопје да зависи од Владата, и тоа мора да се промени.
Дали е можна реализација и на каков начин би можел да се реализира концептот што го застапувате? Кои предности има?
– Скопје има потреба од лесна железница и трамвајско решение како и тролејбуски систем, но и електрични автобуси за булеварите. На Град Скопје му е потребен годишен буџет од минимум 350 милиони евра за да се влезе во сериозна електрификација на транспортот за наредни 50 години. До такви пари може да се дојде на повеќе начини. Таквиот буџет може да се направи со реструктурирање – распуштање на општините во Скопје и кумулативно собирање на сите општински буџети во градската каса, како плус на сегашниот градски буџет, но и дополнително со трет прилив со годишното носење на Државен буџет за Град Скопје за инфраструктурни проекти во парламентот на Македонија, којшто ќе биде нешто како буџет за капитални проекти за градот. Размерот на буџетот на државата во однос на буџетот на главниот град е парадоксален. Тоа би биле дополна од втора и трета страна на сегашниот буџет. Со кумулативно финансиско капацитирање од повеќе компоненти и со издавање на градски обврзници, градот ќе има над половина милијарда евра на годишно ниво. Ќе треба и зајаканување на ингеренциите на градоначалничката функција строго за Град Скопје и серија на измени поврзани со урбанистичките планови и тн. Друг пристап и начин не гледам.
Непотребно и глупаво е Град Скопје да биде потчинет на Владата во смисла на финансирање, тоа е крајна некоректност кон скопјанки и скопјани, а главниот двигател е строга партиска подчинетост врз градот од страна на луѓе со провинцијален памет.
Во конфронтирана ситуација каква што се има во Советот на Градот Скопје, може ли воопшто да се спроведе некаков концепт на јавниот градски превоз?
– Во моментот се случува некаков процес за формирање на Влада од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и според тоа, очекувам таквата тенденција да се прелие и во градот, а потоа да се седне во таканаречена трилатерала, од градоначалничката Арсовска и претставници на партиите на транзицијата и да се разговара отворено во јавноста за десетина приоритети коишто советничките групи во градот се спремни да ги поддржат во рамки на проширена програма на градоначалничката Арсовска за наредниот период, а во интерес на скопјани. Од тие приоритети, се надевам дека електрифицираниот транспорт за Скопје би бил дел од агендата. Но, дури и да се направи градска влада која ќе застане зад градоначалничката Арсовска, клучниот проблем на Град Скопје нема да биде решен, а тој е фундиран, според мене, во финансиите.