Премиерот Зоран Заев вчера ги уверуваше загрижените граѓани дека нема да наштети на македонскиот идентитет и јазик. Но дали тие му поверуваа?
Прашањето се наметнува по самите реакциина граѓаните вчера и денеска на социјалните мрежи. Очигледно е дека кај голем дел од населението со неверување и недоверба ги прима јавните изјави и ставови на Заев. На секој „категоричен“ став или тврдење на актуелниот премиер граѓаните почнаа да гледат како дел од неговата стратегија да се постигне целта која му е зададена без да е важно дали категоричниот став ќе биде погазен. Тоа се гледа и по нивните коментари кои ги остваат на Фејсбук страницата на „Скопско ехо“ по вчерашното уверување на Заев дека македонизмот сигурно ќе биде заштитен..
– Кога оставаш простор политички и ненаучно да преговараш за историјата и македонските дејци да ги направиш бугарски, кога оставаш простор да преговараш дека јазикот настанал и е плод на бугарскиот, кога оставаш простор да преговараш дека ние Македонците сме се изртиле од Бугарите…, е тогаш никакви твои зборови и осигурувања немаат вредност, напиша читателот потпишан како Марјан.
Читателка потпишана како Иванка укажува на друга нелогичност.
-Се фали пред Бугарите дека бруси спомен плочи на убиените борци од бугарскиот окупатор, па ќе не убедува да не се грижиме, порача таа.
Другите го потсетуваат и на тоа што од бугарскиот окупатор доживеале нивните претци.
-Дедо ми беше три години роб во Бугарија. Избегал преку планините. Бил сечен, горен, гладен, жеден за да неговите внуци денеска живеат слободно во Македонија. Не дал да му го сменат презиме, ниту потклекнал да биде против Македонија. Ни порача да ја чуваме Македонија, напиша читателот Славе.
Има уште вакви примери на недоверба кон ветувањата на Заев иако тој вчера беше категоричен:
-За сите граѓани кои вистински се грижат, да ги осигурам дека никој не преговара за македонскиот идентитет и за македонскиот јазик. Тоа е наше право на самоопределување, изјави Заев престој во Неготино.
Едноставно, Зев мора многу да поработи за да почнат граѓаните да му веруваат на зборот. Се уште се свежи сеќавањата кога тој даваше многу изјави во кои гарантираше, ветуваше, категорично тврдеше па дури и се колнеше во своите деца и претци дека името на државата и Уставот нема да се менуваат… Ветуваше и дека Договорот за добрососедството со Бугарија ќе ги отвори вратите за преговорите со Европската унија, но тоа не се случи…
Ако навистина овој пат сака да ги убеди граѓаните дека треба да бидат сигурни дека нема да има нови удари врз Македонија, тогаш треба и така да делува, ако воопшто го може тоа.