Замена на нееколошки системи за греење, еколошки автобуси, зелени површини…, министерка Шукова најави проект против аерозагадувањето во Скопје, Куманово, Битола и Тетово

Постојано се преземаат мерки против аерозагадувањето, во рамките на оние надлежности што ги има Министерството за животна средина, посочи министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Таа денеска одговараше на прашањето што се презема за аерозагадувањето, а Скопје вчера бил и седми град во светот по загадување на воздухот.

Шукова истакна дека во моментов се почнува и нов проект, со кој се опфаќаат општините Скопје, Куманово, Битола и Тетово, кои се четири позагадени градови.

-Имаме повторно мерки за замена на нееколошки системи за греење, со еколошки системи за затоплување, некаде околу пет и пол милиони евра. Тоа е значителна сума на пари, иако станува збор за четири општини, ќе набавиме и неколку еколошки автобуси за град Скопје, исто во рамките на проектов, мислам дека се пет или шест автобуси и ќе одиме повторно со зазелување на нови зелени површини во овие четири општини, рече Шукова.

Таа истакна дека апелираат и општините во своите буџети за 2024 година да предвидат средства за субвенционирање, особено домаќинствата за замена на грејните тела во еколошки.

Шукова вели дека и како министерство размислуваат во 2024 година да финансираат за вакви мерки, а апелот до граѓаните постојано го упатуваат да не се горат пластики, отпадни масла и паркети и секој ако придонесе по малку, како што вели Шукова, ќе добиеме едно цело. Според неа, во ниту една метропола проблемот со аерозагадувањето не се решил во една или две години, а во земјава се уште има јавни објекти кои користат нееколошки системи за затоплување.

Прашана за субвенциите кои ги даваат некои скопски општини за огревно дрво, Шукова вели дека ако огревното дрво е одлежано и суво прави помало загадување, а поголемото загадување го прават влажните дрва.

Претходна вестОпштина Куманово поднесе кривична за комплексот на УЧК
Следна вестВМРО-ДПМНЕ достави докази во Обвинителството за случајот „диво месо“ на Онкологија