Започна седницата за избор на техничка влада – ВМРО-ДПМНЕ излезе од салата, СДСМ најавува поддршка

Во Собранието во тек е 141. седница со единствена точка на дневниот ред избор на техничка влада. Дневниот ред беше изгласан со 67 гласови „за“, без против и воздржан. Во салата имаше регистрирано 108 пратеници.

Талат Џафери, мандатарот на оваа преодна влада која се формира на сто дена пред парламентарните избори на 8 мај, вчера ја достави програмата и Предлог-составот на новата влада. Собранието ја избира владата со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Преодната влада се избира на 100 дена пред изборите кои се закажани за 8 мај, а ќе функционира до изборот на новата влада. Две недели претходно ќе се одржат претседателските избори.

Во своето обраќање мандатарот Талат Џафери рече дека за него како мандатар на оваа Влада, нема разлика дали станува збор за 1 или 100 дена, за техничка или преодна Влада.

-Јас и Владата што ја предводам се обврзуваме да продолжиме со целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики. Владата на Република Северна Македонија има мандат за реализација на истакнатите приоритети врз основа на стратешките определби дефинирани на јасен и консензуален начин за целосна и забрзана интеграција и полноправно членство на државата во Европската Унија до 2030 година; за успешно функционирање и придонес за заедничката државна, регионална и европска колективна безбедност во рамките на НАТО Сојузот; за ефикасно спроведување на успешните политики за унапредување на животниот стандард на граѓаните и забрзувањето на растот и економскиот развој преку јасните индикатори во 2024 година, како и целосното продолжување на успешните политики, инструменти и одлуки за поддршка на социјалните, здравствените, образовните, културните и цивилните потреби и приоритети на сите граѓани, порача Џафери.

Што се однесува на членството во Европската Унија и забрзаната европска интеграција, со цел полноправно членство до 2030 година, Владата ќе продолжи да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори.

-Ќе се посветиме на клучната цел на економската политика за забрзан и одржлив раст на економијата каде го издвојувам: порастот на Бруто домашниот производ (БДП) од најмалку 3 отсто во 2024 година. Тука сакам да додадам дека предвидените капитални инвестиции ќе продолжат и во изборниот период, бидејќи придонесуваат директно за економскиот раст и развој. Со продолжување и заокружување на политиките кои ќе овозможат: Зголемување на минималната и просечната плата, на пензиите, продолжувањето на субвенционирањето на граѓаните и бизнисот особено во делот на цената на електричната и топлинската енергија; намалувањето на цените на прехранбените производи и задржувањето на животниот стандард на граѓаните; продолжувањето на политиките за ценовна стабилизација и враќање на инфлацијата на претходните умерени и ниски нивоа; целосната соработка со институциите во монетарната политика; целосното придржување кон фискалната дисциплина и целосното исполнување на Буџетот за 2024 година, како клучен индикатор, ќе се потврди  и успехот на претходните владини политики и затоа докажаниот правец нема да се смени ниту со оваа Влада, рече тој.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека тие нема да гласаат за овој состав на владата. Пратеникот Антонио Милошоски упати бројни критики.

– Еден дезертер си даде оставка, друг дезертер ќе седне во премиерската фотелја. Ниту оној што стана од фотелјата, ниту овој што ќе седне немаат искрени чувства кон Македонија. И затоа исто како и Ковачевски најлошиот премиер досега не очекувајте ниту од Талат Џафери да биде подобар и да работи за успешна и напредна држава Република Македонија. Почитувани симпатизери од СДСМ, партијата ДУИ нема толку пратеници, ниту број на гласови за да избере премиер. Но, денес Ковачевски и Маричиќ евтино ја продадоа куќата на СДСМ и за нивните фотелји од вашата партија направија привезок на ДУИ. СДСМ, ЛДП и НСДП, верните слуги на корумпираната ДУИ заради коруптивни погоди денес македонскиот народ го направија кираџија во сопствената држава. Наместо ветената европеизација, денес пратениците од СДСМ, ЛДП и НСДП ви приредија една понижувачка дуизација на државата, ставајќи го на чело на Владата Талат, другарот на Рамиз Мерко и на Пуцко Петрол, познатите Европејци од Македонија. Затоа тие што ќе кажат дека ова е историски ден може да се согласиме во една работа, ова е историски ден затоа што Македонија има Влада со историски највисок долг, историски највисока инфлација, историски најлошо здравство, историски најмногу лажни пасоши за нарко босовите во Македонија и во регионот. Македонија има Влада со историски највисока корупција во регионот, рече тој.

По неговото обраќање пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската сала.

Од СДСМ, пак, порачаа дека ќе гласаат за техничката Влада.

-Ставајќи го интересот на државата на прво место пратениците на СДСМ како прогресивна и проевропска партија, заедно со пратениците од мнозинството, ќе ја поддржи техничката Влада во македонското Собрание, рече пратеникот на СДСМ и портпарол, Дарко Каевски од собраниската говорница.

Тој додаде дека нема да дозволат ДПМНЕ да фрли дамка на изборниот процес.

-А со тоа и на двојната победа на проевропскиот фронт на претседателските и на парламентарните избори. Заедно со мнозинството пратеници, заедно со граѓаните нема да дозволиме деструктивните сценарија на ДПМНЕ да успеат. Во изминатите години СДСМ покажа дека е демократска партија која знае да го штити гласот на граѓаните и нивното неприкосновено право за слободно изразување на нивната волја. Така и ќе продолжиме, рече Каевски.

Претходна вестСообраќајка во кратовско, тешко повреден еден од возачите
Следна вестНадмоќта против Ѓоковиќ не беше случајна: Јаник Синер со епски пресврт триумфира на  Аустралијан Опен