Зарем странските инвеститори уште не слушнале дека Шекеринска седна на столчето во НАТО?

Ги нема фабриките ветени од власта…

Воопшто не ги слушам што ветуваат. Одамна е јасно дека странски инвестиции нема да има. Западот со свои кризи се бори, а наивните веруваат дека кај нас пари ќе потечеле само затоа што така кажал Заев и затоа што сме го смениле името. Или сами ќе запнеме или ќе пропаднеме економски, особено што некои од власта крадат жестоко, дециден е аеродромецот Владо

Ни претходно не верував дека по приемот во НАТО ќе се зголемат инвестициите. Ако нема добра бизнис клима , не значи дека со влезот во Алијансата ќе имаме инвестиции. Толку нормално. Се е корумпирано, вели граѓанинот Игор Маџаров

Ќе дојдат инвестиции, ќе се инвестираат милијарда, три, пет милијарди во македонското стопанство откако ќе станеме членка на НАТО… ќе дојдат Гугл, Фејсбук, Икеа, многу големи светски брендови… Вака во изминативе години на македонските граѓани им зборуваше премиерот Зоран Заев, но и други владини функционери во периодот кога се решаваше за влез во Алијансата. Убедувањата им беа упорни и „аргументирани“ до толку што уши да ти пукнат. Ама, еве сме во НАТО, но сега нерви ќе ти пукнат оти инвестициите ги нема. Цената која тогаш се плати беше голема-ненадоместива: сменето име на државата, менување и откажување на дел од историјата, проблематизиран идентитет… Македонија веќе не е иста земја како порано, а инвестициите со кои требаше да бидеме опсипани и да ни ги „лечат“ раните – ништо.

-Не дојдоа, не, се гледа според податоците. Се ветуваше многу ама на дело нема ништо. Не дека сум голем песимист, но додека е оваа гарнитура на власт тешко дека ќе дојдат. И да дојдат, тешко дека ќе допрат до таму каде ќе бидат наменети, ни вели скопјанката Невенка Марковска.

За шест месеци само 122 милиони евра, а во Србија 1,5 милијарда

Податоците кои деновиве ги соопштија народните банки на земјите во нашето опкружување го потврдуваат ова. Во првите шест месеци од годинава во Македонија странските фирми инвестирале само 122 милиони евра. Познато е , во март годинава нашата земја стана полноправна членка на НАТО, а уште пред две години, веднаш по потпишувањето на Преспанската спогодба, ја доби поканата за влез во Алијансата. За разлика од на пример Србија, во која за последните шест месеци странците инвестирале дури 1.480 милиони евра, а таа земја не е ниту членка ниту има намера да стане дел до Алијансата!? А сето ова се случува во екот на кризата со корона вирусот која ги погаѓа и двете земји. Ништо подобра не беше ситуацијата ниту целата ланска година. На крајот од 2019 година во земјава се преброени 365 милиони евра странски инвестиции. Многу помалку од Србија – 4.585 милиони евра, од Бугарија – 1.223 милиони и Албанија 1.281 милион евра.

-Инвеститорите како сите да отидоа во Србија, кај нас не. Кај нас очигледно ги нема, кај нас народот бега од државата. Оние што ветувале дека ќе дојдат инвеститорите, значи, не ја зборувале вистината. Не очекувам дека ќе се смени нешто и во иднина, смета граѓанинот Зоран Величковиќ.

Но, премиерот Заев и натаму тера со старата приказна – убедува дека во Македонија милијарди странски инвестиции само што не влегле.

-Во моментов се разговара за 3 милијарди вредни странски инвестиции, 10 проценти да успеат, 300 милиони се тоа, изјави тој во едно неодамнешно интервју.

Вакви најави имало и претходно, со милијарди, но и со конкретни имиња на големите светски компании.

-Инвестициите од Фејсбук и Гугл е можно да се реализираат во Македонија. Штом ќе имаме податоци ќе излеземе пред парламентот, изјави премиерот во ноември 2018 година.

Во јули годинава, пак, пред парламентарните избори, премиерот најавуваше доаѓање на светски брендови ИКЕА, „Блекстоун“, КФЦ и инвестиции од домашната „Еколог“.

-Домашната компанија „Еколог“ ќе инвестира околу 300 милиони. Компанијата „Блекстоун“ ќе инвестира во таканаречен драјпорт меѓу Велес и Демир Капија. ИКЕА ќе инвестира во наредните четири години, а за „Фреш фуд“, партнерот на КФЦ, во 10 града прави инвестиции поголеми од 100 милиони евра во домашно македонско пиле, најави тој.

Некои граѓани го слушаат некои воопшто веќе и не слушаат што им се ветува.

-Воопшто не ги слушам што ветуваат. Одамна е јасно дека странски инвестиции нема да има. Западот со свои кризи се бори, а наивните веруваат дека кај нас пари ќе потечеле само затоа што така кажал Заев и затоа што сме го смениле името. Или сами ќе запнеме или ќе пропаднеме економски, особено што некои од власта крадат жестоко, дециден е аеродромецот Владо.

– Убедувањата се покажаа како потполно неточни и манипулативни. Главните причини зошто нема странски инвестиции е во големата несигурност за инвеститорите, а таа несигурност произлегува од големата корупција, бавното и пристрасно судство, како и од огромниот бирократски апарат. Не сметам дека во иднина ќе има повеќе странски инвестиции, можно е дури и помалку, смета Ване Калајџиев.

Државни службеници вклучени во корупцијата

Мислењето на овој наш сограѓанин го потврдуваат и ставовите на други релевантни меѓународни фактори. Тие го потенцираат и постоењето на корупцијата во нашиот систем а што ги одбива инвеститорите.

– Целокупната регулатива останува сложена и честите законски измени, заедно со неконзистентно толкување на правилата, создаваат непредвидливо деловно опкружување погодно за корупција. Има извештаи дека некои државни службеници се вклучени во коруптивни активности, се вели во неодамнешниот извештај за инвестициската клима во наша земја за 2020 година, што го објави американскиот Стејт департмент.

Слично мисли и граѓанинот Игор Маџаров:

-Ни претходно не верував дека по приемот во НАТО ќе се зголемат инвестициите. Ако нема добра бизнис клима , не значи дека со влезот во НАТО ќе имаме инвестиции. Толку нормално. Се е корумпирано, за да започнеш бизнис треба да потплатиш, а најлошо е дека и на странските инвеститори им се бара поткуп. Нема да има повеќе инвестиции се додека не се подобри бизнис климата. Треба да научиме во Македонија дека со врски и поткуп не се гради држава, потенцира Маџаров.

Во меѓувреме почна да расте невработеноста. Од околу 105.000 лица кои во агенција за вработување имаат статус на невработени, таа бројка во август годинава се искачи на 145.000. А познато е, без нови инвестиции нема нови работни места, посебно не за невработените скопјани кои се најзастапени на списоците. Очигледно, сето ова покажува дека од членството во НАТО за странските инвестиции многу попривлечна е добра бизнис – клима : без корупција, со стабилни закони, објективно судство…

-Досега не добивме инвестиции и нема да добиеме оти се уште не сме на граѓанско ниво како што постои во европските земји. Ние сме се уште далеку од Европа со култура и во секој друг поглед, ни рече граѓанинот Горанчо Димитровски.

Тоа треба да се има предвид и кога се даваат ветувањата дека ќе долетат милијарди евра како инвестиции само заради тоа што се попуштило во преговорите за да се влезе во НАТО и почнат преговори со ЕУ.

 

 Дел од најавите за инвестиции на Заев…

о Ноември 2018 :  Инвестициите од Фејсбук и Гугл е можно да се реализираат во Македонија

о Ноември 2019 : На владина седница поминал закон со кој се отвара патот на 5 нови мега инвестиции од странски компани

о Јули 2020 : Доаѓаат светски брендови ИКЕА, „Блекстоун“, КФЦ и инвестиции од домашната „Еколог“.

о Октомври 2020 : Во моментов се разговара за 3 милијарди вредни странски инвестиции

 

 

 

Претходна вестШто бидна со анализата за смртноста од вирусот што ја најави министерот Филипче?
Следна вестПриведени десет криумчари на мигранити, наплатувале по 500 до 700 евра за еден мигрант