Наместо со полициски час, Владата вчера реши против ширењето на корона вирусот во наредниве денови да се бори со засилени контроли во најголемите жаришта. Тоа значи дека на подрачјето на Скопје, Куманово, Липково, Штип, Тетово и Карбинци ќе има многу повеќе полициски и инспекциски контроли, и казни за несовесните граѓани.
Дали ваквата мерка ќе помогне, останува да се види во наредниве денови. Инаку, ваквата мерка со санкционирање на непочитувањето на полициските часови, на неносење на заштитни маски, не држење дистанца, забрана за групирања… и досега беше на сила. Во јавноста, на социјални мрежи, на медиумите, излегоа куп снимки и фотографии од кои се гледа како се прекршуваат ограничувањата кои остануваа неказнети дури и кога се случуваа пред очите на полицијата и други надлежни инспекциски органи.
Заради ова, по вчерашната одлука за „засилени контроли“ кај граѓаните се јави сомнеж дека ваквата мерка ќе се спроведе како што треба. Тоа се гледа и од коментарите кои ги упатија граѓаните на социјалните мрежи.
-Не ми се верува дека ќе се запне во одредени делови на Скопје да се воведе ред. Тоа и до сега го покажаа на терен. Политиката го кочи спроведувањето на редот, а тоа населението го злоупотребува дури и по цена на сопствено здравје, напишал Емил.
– Ха,ха,ха… ќе ги “засилеле” контролите… нема грешка. Сега ние ќе ги зафркнеме сите комшии околу нас ќе прикажуваме од 0,50 до 0,100 заразени. Ќе пукнат од мака, прокоментирал Игор.
Граѓанинот потпишан како Филип во својот коментар праша:„Дали под засилени мерки се мисли како полицијата што си стоеше пред маркетот во Чаир викендов?“.
-Да, ќе ги праќате за Берово и за Маврово, иронично коментираше еден од граѓаните.
И Христијан од Скопје изрази сомнеж дека засилените мерки целосно ќе се спроведуваат.
-И јас сум за тоа да дојдете и слободно да ме казните ако не ги почитувам мерките. Два и пол месеци бевме дома затворени и почитувавме мерки. Оние кои не ги почитуваат и натаму не ги почитуваат. И токму тие кои не се казнувале и понатаму не се казнуваат, потенцира во својот коментар овој наш сограѓанин.
Но, и покрај сомнежот на граѓаните за ревносно спроведување на контролите, сепак оставаме простор властите да го поправат впечатокот. Секако, треба да се поправат и самите граѓани кои до сега не ги почитуваа мерките.