Заврши ли владината решителна борба со дивоградбите?

За 10 години никнале над 3700 градби без дозвола

Владата неодамна силно тргна против дивоградбите и скопјани се израдуваа. Ама како да се дигна кочница на багерите… Да потсетиме, пред десетина дена целосно ја урнаа големата бетонска дивоградба кај трговскиот центар „Мавровка“. Три дена беа потребни да се срамни дивоградбата која се изгради за кусо време и за кој неколку месеци се бараше сопственикот, се бараше фирмата за уривање… Но, еве оттогаш до сега не се слушна за уривање на некоја друга дивоградба по градот. Од државниот Завод за статистика излезе податок дека само лани на подрачјето на градот биле направени 153 дивоградби – куќи, надградби, гаражи, тераси… Што се случи или ќе се случува со нив?

-Се беше само престава за наивен народ дека власта ќе почне да работи. Но сега се заседнаа во фотелјите и готово, заврши борбата со дивоградбите, револтиран е скопјанецот Симо, кој смета дека проблемот со дивоградбите уште ќе се зголемува.

Секој ден по една дивоградба во градот

Скопјани очекувале дека веднаш по рушење на дивоградбата кај „Мавровка“ багерите ќе тргнат кон дивите платформи на Матка, како и кон големата дивоградба во близина на касарната „Илинден“

-Дивоградби има на секоја улица, дивоградби има дури и на плоштадите, градот се нагрди, криминалците прават што сакаат, ама власта ветува борба против тоа иако инспекторите се прават слепи или пак некој им ги затвора очите. Нас на граѓаните со едно рушење сакаат да ни ги замачкаат очите, коментира Силвана Фидановска.

Инаку, со истекот на 2010-та година заврши и можноста која ја даде тогашната Влада да се легализираат дивоградбите изградени до март 2011 година. Тогаш за легализација се поднесоа околу 430.000 барања од сопственици од кои најголем дел беа од Скопје. Властите најавуваа дека со тоа ќе заврши приказната со дивоградбите и дека во иднина ништо нема незаконски да се гради бидејќи инспекциите ќе казнуваат. Но, така не се случи. Дивоградбите продолжија да се градат.

-За нови дивоградби одговорни се неажурната локална самоуправа, и општо градските власти и инспекторати кои се заспани и бескрајно корумпирани. Лош е и законот за дивоградби. Не може кој што сака да направи, а потоа да му се легализира, смета Сања Јовановиќ од скопската општина Аеродром.

Официјалните податоци тоа и го потврдуваат. Само во периодот од 2010 до 2019 година, за десет години, во рамките на десетте скопски општини направени се 3.784 најразлични дивограби. Најмногу во 2011-та, дури 659, а најмалку лани 153, но тука не се пресметани податоци од општините Аеродром, Г.Баба, Центар, Сарај, Карпош. Најмногу на диво се граделе објекти за домување – вкупно 943 за изминатава деценија, а потоа и гаражи, тераси, доградби и слично… Општина Чаир со 692 направени дивограби е подрачје со најмногу направени дивограби, но многу се направени дури и во Центар – 510, но и во Аеродром – 505… Сето ова е токму во периодот кога општините имаат директна надлежност да се справуваат со дивограбите преку свои инспектори чија задача е да се справуаат со тоа.

– Можам само да кажам дека не може да никне растение ако нема подлога, не е крив тој што зема туку тој што дава, и одговори скопјанецот Ванчо Георгиевски за тоа каде треба да се бара вината.

И за скопјанецот Благоја Ковачовски проблемот со несправувањето со дивограбите треба да се бара во структурите на власта.

-Заклучокот од прашањето зошто ни се случуваат дивоградбите води кон некадарна, потплатлива власт и судство во државата Македонија. Факторите кои влијаат се поврзаноста на тајкуните, богатите, со партиите и градоначалниците, нелојалност кон државните закони. Има и страв на извршните служби од ликвидација ако урнат нешто, како и нерешавање на имотно-правните потреби на граѓаните, смета Ковачовски.

Заплена и продажба

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов деновиве побара Градот Скопје да ги преземе од општините ингеренциите за справувањето со дивоградбите. Еден од аргументите му е дека градските инспектори се „поимуни“ на притисоците и заканите од општинските. Новиот министер за транспорт и врски Благој Бочварски ги повика општините да ја извршуваат оваа надлежност, а на прашањето дали Владата ќе се вклучува како во случај na „Мавровка“ тој рече дека „сите си имаат свои овластувања и треба да се работи тие да се реализираат“. Ви делуваат овие најави за сериозен пристап кон проблемот или пак ќе бидеме сведоци на играње „пинг-понг“ во однос на надлежноста врз дивоградбите како што се платформите на Матка и други.

Освен инспекциите, за скопјани решението треба да се бара и во законски измени.

-Решение е во запленување на веќе изградените објекти и продавање на јавна аукција, предлага скопјанецот Александар Цуцулев.

Дали решенија ќе се бараат или веќе е решено дека битката со дивоградбите е завршена, ќе видиме на терен.  

Прескапи комуналии

Благој Ковачовски смета дека причина за дивото градење треба да се бара и во скапите комуналии што треба да се платат кога се гради нешто.

-Процедури и високи цени за трошоци и комуналии. Еве пример: Во населба Драчево за да се изгради еден квадратен метар од семејна куќа треба да се платат комуналии од по 100 евра. Тоа е премногу, потенцира овој наш сограѓанин.

Следи ли нова легализација?

Лани Владата усвои Предлог закон за легализација и тој влезе во собраниска процедура, но не беше изгласан, откако беше распуштено Собранието за планираните предвремени парламентарни избори. Со законот се предвидуваше нов рок за легализација на дивоградби за периодот од март 2011 до октомври минатата година, односно дивоградбите што не беа опфатени со актуелниот закон. Исклучок од можноста за легализација беа дивоизградените згради, надградбите на зградите, проширените тераси, како и дивоградбите во заштитеното подрачје на Охридскиот регион. За легализација требаше да се платат комуналиите плус казна од 50 проценти од износот за комуналии.

 Секоја година куп нови градби

Година

Број на подигнати дивоградби во Скопје

2010

684

2011

659

2012

622

2013

484

2014

304

2015

289

2016

206

2017

762

2018

226

2019

153 (без податоци за Аеродром, Г.Баба, Центар, Сарај, Карпош)

 

Претходна вестСтрашен е бројот на починати од вирусот, Филипче ќе смени ли нешто во стратегијата?
Следна вестДва протести во Скопје денеска: Градоначалници, или вие пресудете им на проблемите, или тие ќе ви пресудат вас