Заврши учебната година. За околу 255 илјади основци и средношколци во Македонија започнува летниот одмор. За надлежните во образованието дури сега треба да почне сериозното работење. Ќе биде ли така?
Образованието е во хаотична состојба. Најзагружувачко е тоа што на релевантното меѓународно ПИСА-тестирање кое што беше спроведено во текот на годината учениците постигнаа слаби резултати.
Па нели образованието се реформираше со децении? Ги гледаат ли резултатите од тоа скапо платените експерти во ресорното министерство и во разните бироа за развој на образованието, за…?
Што со многу фалената реформа на поранешната министерка Мила Царовска? Да, да фалена од самата министерка и од Владата. Многу убави зборови се изнаслушавме како образованието ќе летне во нови успеси. И, до каде е полетувањето?
Сепак, нели е време летово да се преразгледаат многуте сериозни забелешки на таквата реформа? Скоро сите релевантни институции во Македонија укажаа дека најавените промени не се добри. Тие бараа концептот да се повлече, да се преработи, се противеа на воведување на интегрирани предмети, зачувување на посебноста на предметите историја, хемија, физика, географија…
Така, на пример, Филозофскиот факултет (кој е столбот на македонското образование) предупреди дека предлогот може да предизвика големи проблеми во образованието.
-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, предупредија од овој факултет.
Од Педагошкиот факултет во Скопје, исто така, предупредија дека не е потребно брзање во овој процес.
-Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од оваа образовна установа.
Професори од Природно-математичкиот факултет јасно и порачаа дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни. Институт за национална историја предупреди дека нема играње со националната историја.
-Македонската држава не смее да биде исклучок и да експериментира со сопствената национална историја. За суштински и концептуални реформи во образовниот систем се потребни темелни анализи и консултации со научната и академската фела, Концептот треба да се повлече, побараа историчарите.
И од највисоката научна институција во земјава – МАНУ дојде предупредување.
– Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, се потенцира во соопштението на академците.
Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, пак, најдиректно кажа дека реформите имаат за цел да го избришат предметот историја, и да се заборави на неговата улога во воспитно-образовниот процес.
– Единствена цел е да се избрише од наставната програма во основното образование предметот историја. Да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, рече тогаш Коцарев.
Протестираа и илјадници родители на учениците кои се спротивставуваа и на воведувањето на дигиталните учебници бидејќи сметата дека учениците не се подготвени за нив, дека сите немаат компјутери, дека нема интернет насекаде…
Сепак, надлежните не се загрижија поради сериозните забелешки и не се откажаа од концептот па тој почна да се спроведува. Како ќе се пречека претстојниот септември, новата учебна 2022/23 година уште ли ќе бидат упорни од министерството? Mожеби е време за нова реформа – која ќе биде прифатлива, спроведлива, корисна… И конечно да се стокми темелна реформа од поширок тим на експерти која ќе се спроведе темелно.
За децата да имаат вистински знаења.