Завршува учебната година полна со импровизации, како ќе биде од септември?

Кон крајот на денот, кога завршува втората смена, училишните ѕвона ќе означат крај на наставата за околу 255 илјади основци и средношколци во Македонија. Децата ќе се радуваат. Но, возрасните и особено надлежните во овој ресор немаат место за радост.

Од денеска ќе се знае какви конечни оценки и успеси ќе имаат, а надлежните образовни власти ќе пресметуваат дали реформите што ги започнале даваат одредени резултати. Првата лоша вест веќе ја соопшти министерот за образование Јетон Шаќири: на релевантното меѓународно ПИСА-тестирање кое што беше спроведено во текот на годината постигнати се слаби резултати.

-Мерење на меѓународните истражувања покажуваат дека нашите ученици имаат успех под просекот во Западен Балкан во земјите во ЕУ, рече денска  Шаќири во настапот на собраниска комисија.

И? Кој е одговорен за тоа? Што ќе прават скапо платените во ресорното министерство и во разните бироа за развој на образованието? Ќе одат на одмор како и учениците или ќе засукаат ракави?

Очигледно, многу фалените реформи во образованието не носат некој резултат. Всушност, не е јасно и како и колку се спроведуваат. Факт е дека оваа учебна година почна во тешки услови. Првпат од затворањето на 11 март 2020 поради пандемијата, училиштата лани во септември беа отворени во нивниот полн капацитет, со примена на соодветни антиковид-протоколи. Учениците ја следеа наставата со заштитни маски до пред околу два месеца кога по препорака на Комисијата за заразни болести оваа мерка за нив веќе не беше задолжителна. Се случи одложување на почеток на второто полугодие за десетина дена, поради влошената состојба со Ковид-19, како и загубените 12 дена од наставата во април додека траеше штрајкот на СОНК. И покрај ова, надлежните решија учебната година да заврши во редовен термин иако е прашање какви се последици тоа остави по знаењата и подготвеноста на учениците.

Но, најголема промена беше почеток на примената на новата Концепција за основно образование која прво почна да се применува во прво и четврто одделение. Од следна, таа ќе продолжи да се воведува во второ и петто одделение, а во наредниве пет години и во другите одделенија за да деветгодишното основно образование биде целосно реформирано. Меѓутоа, прашањето е колку контроверзната реформа во основното образование која ја иницираше поранешната министерка за образование Мила Царовска кумуваше на слабите резултати и импровизациите во образованието? Уште не самиот почеток кога беше предложен новиот концепт предизвика негативни реакции и бројни беа критиките кои тогаш ги упатуваа скоро сите образовни и други институции во Македонија. Тие бараа концептот да се повлече, се противеа на воведување на интегрирани предмети, зачувување на посебноста на предметите историја, хемија, физика, географија…

Така, на пример, Филозофскиот факултет (кој е столбот на македонското образование) предупреди дека предлогот може да предизвика големи проблеми во образованието.

-Нацрт-верзијата содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата. Имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието, предупредија од овој факултет.

Од Педагошкиот факултет во Скопје, исто така, предупредија дека не е потребно брзање во овој процес.

-Сериозните промени какви што се предлагаат, претпоставуваат претходен долготраен истражувачки период кој тука изостанува. Решенијата понудени во Нацрт-концепцијата не се засновани на прецизна идентификација на вистинските проблеми и предизвици во основното образование, потенцираа од оваа образовна установа.

Професори од Природно-математичкиот факултет јасно и порачаа дека нагли промени во образованието ќе бидат непродуктивни и штетни. Институт за национална историја предупреди дека нема играње со националната историја.

 -Македонската држава не смее да биде исклучок и да експериментира со сопствената национална историја. За суштински и концептуални реформи во образовниот систем се потребни темелни анализи и консултации со научната и академската фела, Концептот треба да се повлече, побараа историчарите.

И од највисоката научна институција во земјава – МАНУ дојде предупредување.

– Потребно е стручно и целисходно водење на сите реформи на образованието во нашата држава, а реформите треба да обезбедат систематско и посебно изучување на македонскиот јазик и македонската историја, се потенцира во соопштението на академците.

Претседателот на МАНУ Љупчо Коцарев, пак, најдиректно кажа дека реформите имаат за цел да го избришат предметот историја, и да се заборави на неговата улога во воспитно-образовниот процес.

– Единствена цел е да се избрише од наставната програма во основното образование предметот историја. Да се избрише предметот историја во овој момент и притоа да се заборави местото и улогата на предметот историја во воспитно образовниот процес на младите генерации во Европски и меѓународни рамки и важноста на историската свест на современите генерации за историското минато и за политичката и културна историја на Македонија е навистина непотребно, рече тогаш Коцарев.

Протестираа и илјадници родители на учениците кои се спротивставуваа и на воведувањето на дигиталните учебници бидејќи сметата дека учениците не се подготвени за нив…

Сепак, надлежните не се откажаа од концептот и тој почна да се реализира. Како ќе се пречека претстојниот септември, новата учебна 2022/23 година? Дали примената на новиот концепт ќе продолжи како оваа година ништо да не се случило и дека се било добро или ќе се размисли за да се види дали новововедениот концепт вреди и натаму да се применува? Одговорите треба што побрзо да се дадат оти времето брзо поминува а најголеми губитници повторно можат да бидат учениците

Претходна вестСеднат на престол, со круна на главата Лазаров се прости од навивачите на Нант
Следна вестЈСП „Скопје“: Платите ќе се зголемат, најавениот протест е политички мотивиран