Здивени возачи царуваат по улиците, полицијата недоволно ги скротува

Понедисциплинирано не било никогаш. Полицијата ја нема доволно, а и таму каде што ја има, не доволно е ефикасна, смета Љупчо Ангеловски

 Кола чиј возач прави тежок прекршок движејќи се по погрешната страна на булеварот во скопски Бутел деновиве се шири по социјални мрежи. Возачот не сакал да чека во колона на возила пред семафорот на својата десна страна па преминал на левата!? На снимката јасно се гледа како возилата кои доаѓаат го заобиколуваат во последен момент избегнувајки опасен судар. А „здивениот“ возач т си продолжува да вози. Ќе се обиде полицијата да го пронајде и казни или возачот пак ќе си го повторува делото?

Ова е само еден од последните најдрастични примери до каде се стаса со дивјачкото возење по македонски градови но и по сообраќајниците надвор од населените места. Едноставно, на пребрзото возење, непочитувањето предимство, поминувањето на црвен сигнал… – како да сме „навикнале“. Но, за жал во таков случај се „навикнуваме“ и на многу жртви и повредени во сообраќајките.

– Понедисциплинирано не било никогаш. Полицијата ја нема доволно, а и таму каде што ја има, не доволно е ефикасна. Пример, Бит-пазар, полиција се шета, возила паркирани на прва и втора лента, хаос е во сообракајот, а тие не реагираат. Единствен излез го гледам во поставување на мониторинг систем на сообраќајниците и крстосниците. И со тоа казнување на прекршителите кои ќе бидат снимени, ни вели граѓанинот Љупчо Ангеловски.

Дел од возачите никако да почнат да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи па возат пребрзо од дозволените 50 километри на час, претекнуваат на недозволени места, не внимаваат на пешачките премини. Резултат на сето тоа се бројни несреќи, жртви и повредени лица кои остануваат и инвалиди. Само лани имало 125 жртви на патиштата, а во преходните години таа бројка се движела и до 200 (лани се помалку и поради долгите пандемиски затворања). Полицијата од своја страна прави акциски контроли, дава соопштенија за бројот на казнети возачи и други, но нема некој позначаен ефект.

-Полицијата е доста активна кога има наредба да казнува. А потребни се поголеми контроли, посебно по 22 часот. Се вози брзо, невнимателно, со непочитување на сообраќајните знаци и правила, ни вели Благој Крстев, кој е професионален возач.

И граѓанинот Сашко Бошков смета дека има недоволно полициски контроли.

-Треба повеќе контроли на сообраќајниците оти сегашниве не се доволни. Има возачи кои возат и без дозволи. Опасно е, вели Бошков.

На потег се од МВР. Се прават акциски или викенд контроли по кои јавноста се информира за санкционираните прекршители, но тоа треба да се зголеми – прошири. Сепак, впечаток на граѓаните е дека на улиците се случува значително поголем број на прекршоци затоа што многу сторители остануваат неказнети. Полицијата мора да биде на терен и тоа да го воочува.

 Поригорозни услови за возачка дозвола

-Критериумите за добивање на возачка дозвола мора да бидат поригорозни. Мислам дека би било добро за возачи-почетници да се намали кубикажата и брзината на возилото. Возачка дозвола да биде пробна со важност од пет години. Полиција треба да има почести контрол.и но мислам дека група од двајца-тројца полицајци е беспомошна со збеснати групи со автомобили, ни вели Татјана Паковска.

Претходна вестОпштински презадолжувања излегуваат на површина, имало ли злоупотреби на парите?
Следна вестВМРО-ДПМНЕ: Власта краде струја за копање крипто валути