Дури 30 новонасадени дрвја деновиве се украдени откако беа насадени покрај новиот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“ во Бутел. Градските власти соопштија дека станува збор за садници кои се засадени во рамки на големата акција со која оваа есен над 15.000 листопадни и зимзелени садници, грмушки, перени и топијари ќе го раззеленат Скопје.
–Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ ја санираа штетата и веднаш посадија нови дрвја на истата локација. За жал, ова е еден од честите случаи за оштетување и уништување на јавните добра во Градот, а истиот е пријавен во МВР, се наведува во инфорамцијата.
Градските власти пак апелираат за чување на зеленилото. Но, и сега, како и при многубројните кражби кои што редовно се случуваат по секоја акција за садење, тие не помогнаа. Единствен лек, очигледно, е полицијата да почне да ги фаќа крадците. Но, тоа до сега не се случило.
Затоа и има „зелени“ скопјани кои многу ја сакаат екологијата и со голема љуов ги „посвојуваат“ дрвцата па си ги чуваат на друго место.