Згасна СЈО, многу се очекуваше од него, многу разочара

Денеска стапува на сила новиот Закон за Јавното обвинителство. Со тоа, престанува важноста на Законот за специјалното јавно обвинителство. Вработените во СЈО вчера се збогуваа од институцијата која, како што беше најавувано и ветувано, требаше да донесе правда во Македонија.

Обвинителката и портпаролка на СЈО, Ленче Ристоска, синоќа се огласи на социјалните мрежи, по повод последниот рaботен ден на СЈО.

-Горчлив е вкусот на разделбата и сите неостварени планови, но слатки се спомените за заеднички совладаните предизвици и споделената енергија. Денес се поздравивме со колегите од стручната и од административно-техничката служба и со истражителите. На вработените во СЈО денес им е последен работен ден и овие луѓе од денес остануваат без работа!

За мене СЈО беше симбол за борба за идеали, за правда, интегритет, подобра иднина, борба против злоупотреби на системот, на послабите, на зависните, борба против неказнивост. Начинот на кој згасна СЈО, начинот на кој никој не најде храброст изречно да каже дека се укинува институцијата, мислам дека не заслужува коментар, затоа што борбата за правда е вистинска само кога е плод на внатрешен порив за одговорност, првенствено лична, па потоа на сите кои грешеле пред законите, порив за нетолеранција на неказнивост, порив за принципелно и однесување со интегритет, напиша Ристоска.

За потсетување, СЈО произлезе од Пржинскиот договор потпишан помеѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во Македонија. На функцијата Специјален јавен обвинител, Советот на јавните обвинители во септември 2015 година ја избра Катица Јанева. По неколку години најавуван силен атак врз корупцијата, токму Катица Јанева е прогласена за виновна во случајот „Рекет“ и доби 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување.

Пред дваесетина дена беше пренесено дека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева во Државниот завод за ревизија почнала да се соблекува и останала во долна облека додека ревизорите и ги презентирале наодите од ревизијата за финансиското работење на СЈО. Наводно на полицајците Јанева прво им кажала дека и е доста од се, па почнала да се соблекува…

Претходна вестФилипче: Лесната форма на болеста може да се лекува дома, но при влошување пациентите да се упатат во болница
Следна вестПревртување на трактор кобно за две деца