Запрено е нелегалното градење на паднините на Водно откако општина Центар беше аларамирана од страна на граѓаните. Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски постапувајќи по пријава од граѓани заедно со инспектори од Секторот за инспекциски работи денеска излезе на терен, на Водно каде се забележани нелегални градежни дејствија. Станува збор за четири парцели во приватна сопственост, кои се надвор од Деталниот урбанистички план и од Генералниот урбанистички план и се водат како земјоделско земјиште, односно лозја.
– На оваа локација не е предвидена никаква градба затоа веднаш е донесено решение за стопирање на градежните активности, а сопственикот е повикан во општина каде ќе бидат утврдени следните чекори. Им се заблагодарувам и на жителите за пријавата по која веднаш постапивме. Нема да дозволиме непочитување на законите и уништување на зеленилото заради нечие самоволие, рече Герасимовски на Водно.
Тој повторно ги потсети сопствениците на парцелите на Водно да не ги прекршуваат законите. Градоначалникот на Центар порача дека онаму каде не е предвидено не смее да се гради и оти Водно останува на граѓаните.
Инаку, инспектори од Секторот за инспекциски работи на Општина Центар при вонреден инспекциски надзор, по пријава на граѓани, затекнале исечени здрави дрвја на парцела во приватна сопственост. На локацијата не се затекнати сторители, а дел од дрвата на парцелата биле веќе исечени.
-Општинските инспектори ги повикале сопствениците на парцелата и со нив извршиле информативен разговор, за што сопствениците ги информирале дека се оградуваат и дека тие не ја извршиле сечата. Сопствениците на парцелата исто така се задолжени од инспекторите да ја донесат целосната документација на увид во Секторот за инспекциски работи на Општина Центар, се наведува во соопштението на општина Центар.
Општина Центар на локацијата ги повикала сите надлежни институции, ЈП „Паркови и зеленило“, Шумската полиција, полиција. На терен иззлегле инспектори од МВР, со цел да се дознае кој и зошто ја извршил сечата на дрва, а сопствениците со целосната документација се повикани на разговор во Секторот за инспекциски работи на Општина Центар.