Интензивните врнежи и големи количества на дожд почнаа да предизвикуваат проблеми насекаде во Скопје. Но, има и една позитивна работа – ги снема нерамнините и кратерите по улиците кои градоначалниците никако да ги поправат. Сега водата ги пополни и ги направи мазни.
Дури и ужасно девастираната улица на Кејот зад ГТЦ сега е мазна. Е, факт е дека сега е полна со бари кои станаа пречка како за пешаците така и за автомобилите кои истовремено се движат по неа, но да не се претерува со очекувањата, до сега дожд никаде во светот не знаел да поправа плочки или да става асфалт.
И така, сега на кејот пешаците мора да ги заобиколуваат големките бари ризикувајќи притоа да бидат испрскани или удрени од автомобилите на просторот кој сега потсетува на мочуриште.
Старо-новите проблеми одново потсетуваат на тоа дека досега мораше да биде најдено решение за оваа улица. Но тоа до сега не се случи. Скопскиот градоначалник во својата изборна програма на граѓаните им напиша дека овој дел од кејот е претворен во сообраќаен хаос каде што возилата се движат врз руиниран плочник и постојано им пречат на граѓаните. Беше ветено и дека ќе стави крај на злоупотребата на кејот и ред во користењето на просторот. Односно дека заедно со општина Центар ќе го направат слободен, широк и сечиј. Но, од тоа ветување засега ништо не се прави иако урбанистички решенија лесно може да се најдат.
Затоа водата-дождот реши да го решава проблемот…