Една од ретките големи и густо населени скопски општини каде нема зонско паркирање е Карпош. Но не уште долго, бидејќи според одредени медиуми, мнозинството, на јавна анкета се изјаснило позитивно по ова прашање. На почеток тоа би било за населбите Карпош 1 и 2, а општината била веќе во координација со ЈП „Градски паркинг“ за да се спроведе тоа.
Дел од карпошани веднаш реагираат на ваквата одлука на општината. Велат се против зонско паркирање од различни причини:
-Тоа ама само делумно го решава проблемот со густиот сообраќај и огромниот број автомобили. Сите кои сега се паркираат пак ќе се паркираат тука оти работат и имаат други обврски во населбава. Тоа значи дека само џебот на граѓаните ќе биде сотрен, а се друго ќе си остане исто, смета Ренато Д. жител на Карпош 2 и редовен читател на „Скопско ехо“.
Дека оваа теза е издржана доволен пример е Центар. Зонското паркирање таму е само привидно решение оти паркинг пак одвај се наоѓа, а купишта други автомобили уште ги блокираат тротоарите со изговори дека „нема каде да се паркира“, „дека остануваат само неколку минути колку да завршат работа“ и слично. Зонското паркирање можеби се очекува да биде решение и за загадувањето. Но ако судиме според Центар и Аеродром, одговорот е негативен.