Потребни ли се веќе градежни инспектори, ДУП-ови околу кои последниве месеци се кршат копја и водат дебати? Откако вчера се донесе новиот Закон за легализација на дивоградбите се чини дека веќе не се толку неопходни.
Сега секоја дивоградба може да смета на легализација доколку нејзиниот градител е подготвен да плати за 50 проценти поскапи комуналии. Доносителите на законот ќе објаснат дека се работи за до сега изградените дивоградби, но кои се гаранциите дека во иднина нема пак да се легализираат бесправно изградени објекти кои ќе никнуваат насекаде. Впрочем ова не е прво легализирање на дивоградбите низ Македонија.
Како е направена градежната атмосфера во Македонија не е чудно ако оние што планираат да градат дивоградби сега веќе да почнат со градба за да го искористат рокот од осум дена до почеток на важењето на Законот со неговото објавување во „Службен весник“ па во тој период да изградат ново објектче кое ќе биде легализирано.
Очигледно, надежите дека во земјава ќе се стави крај на бесправното градење (кое е масовно) ќе почекаат некој друг периот во иднината. Да, факт е дека има лица на коим треба да им се излезе во пресрет, но има и диворгадби кои не се направени поради сиромаштија и од немајкаде туку во заштитени подрачја, па згради, па големи куќи, па…
Сега претстои процес на легализација на она што беше најспорно и што и власта и опозицијата се согласија да го прават. Но, сега е и прашање дали сопствениците на дивоградбите воопшто и ќе побараат да им се легализираат објектите под овие услови – да платат за 50-проценти поскапи комуналии. Односно, дали ќе почекаат да се донесе пак некој нов закон со кој ќе бидат ослободени и од тој „казнен“ надомест. Едноставно се навикнаа дека партиите пред избори се дарежливи.