Зошто комисистите избегнуваат јавна дебата со релевантните македонски историчари?

Незадоволството од неодамна кажаните препораките истакнати од историчарот Драги Ѓоргиев и останатите македонски членови на историската македонско-бугарска комисија не стивнува. Секојдневно има реакции од голем дел од научната јавност во Македонија. Академици, универзитетски професори… укажуваат преку настапи во медиумите, со отворени писма и на социјалните мрежи дека препораките не се неприфатливи затоа што се во служба на дневната политика и на разнебитување на македонството.

Како реагираат комисистите? По првичните реакции излегоа со соопштение во кое ги образложија своите ставови.

Но, потоа силно одекна незадоволството искажано од над 100 македонски академици, декани и универзитетски професори. Тие препораките на комисистите ги отфрлија со индигнација. Како ретко кога до сега на децидна изјава се потпишаа дури 8 академици и 4 дописни членови на МАНУ.

Како на ова реагираа комисистите предводени од штотуку прогласениот академик Драги Ѓоргиев? Пак со соопштение.

-Отфрлањето на препораките, па дури и со индигнација е сечие право и овие препораки нема да бидат задолжителни за секого. Ние веруваме дека науката и историјата треба да бидат во функција на мирот и помирувањето и не мислиме дека државите треба да им кажуваат на научниците како да го толкуваат минатото. Препораките се само презентирање на основни историски податоци за личности кои Македонија и Бугарија би можеле заеднички да ги чествуваат со цел да се подобрат билатералните односи или да ги подобрат своите учебници по историја, напишаа македонските членови од Комисијата.

Зошто Ѓоргиев не организира отворена дебата со научниците кои негодуваа меѓу кои се и поголемиот дел од релевантните универзитетски професори по историја во Македонија? Зошто се комуницира со соопштенија?

-Во овие „Препораки…“, македонската, јужнословенската, општословенската и балканската историја се толкуваат на бугароцентричен начин, со што отстапуваат од востановените научни сознанија во македонистиката, славистиката и балканистиката. „Препораките…“ го дискриминираат усвоениот и научно заснован наратив за културната, националната и политичката историја на Македонија, застапуван од македонски и други научници со меѓународна репутација, напишаа македонските научници наведувајќи и повеќе други причини поради кои препораките ги сметаат за ништовни и нерелевантни за нивната понатамошна научно истражувачка дејност.

Оваа реакција покажува дека многу работи има потреба да се дискутираат пред се за да се дојде до подобар и поприфатлив став за сите во Македонија. Комисистот Ѓоргиев е од Институтот за национална историја. Зошто таму да не организира состанок со своите колеги за научно да расправаат околу средновековната македонска историја со оние кои се експерти за тој период? Да не зборуваме за тоа дека многу консултации и дебати требало да направи и пред да донесува ставови кои потоа се рефлектираат врз цела Македонија и македонскиот народ.

Во комисијата мислат дека се знаат и не им треба консултации од надвор? Комисистите сметаат дека и по ваквите жестоки реакции на научната јавност треба само да одговорат со две соопштенија? Има ли некоја друга причина што комисистите избегнуваат јавна дебата со релевантните историчари?

Впрочем, зарем комисистите прифаќаат дебата само со бугарските историчари, ама не и со македонските?

 

Претходна вестРечиси 23 отсто помалку заразени со ковид минатата седмица
Следна вестСнаоѓање во скапотијата: Во јогуртот вода ставам; износените кондури многу ми се добри; трчам по маркетите…