Допре ли пораката од здружението на лица со хендикеп „Полио плус“ до креаторите на јавните политики во Македонија? Одговорот однапред изгледа разочарувачки ако се види дека само два интернет портали го пренеле нивното јавно писмо во целост. Во него има критика за несработувањето ништо во корист на овој дел од популацијата, односно е едно од најдиректните писма со критички пораки кон власта – особено актуелната, но и другите наназад.
Колку за споредба кога една општина ќе објави дека асфалтирала улица, купила метларки, репарирала клупа, има многу повеќе споделувања-објавувања , отколку пораката на „Полио плус“. Тоа го забележуваат и граѓаните кои се редовни читатели на онлајн медиумите.
-Кога ќе објави нешто градоначалникот на Аеродром на пример, изгледа неговиот пи ар тим веднаш врти телефони по медиумите за да се сподели информацијата, оти во спротивно никој нема да ја објави – бидејќи златко Марин откога е избран за градоначалник ниеднаш не кренал телефон на ниту еден новинар. Не одговорил на ниедно новинарско прашање… коментира Маја Т, која живее во Аеродром.
-За „Полио плус“ нема кој да лобира да им се објави јавното писмо во кое се критикува власта, нема „ботови“ што ги поддржуваат ранливите категории граѓани, тоа е исклучиво партиска машинерија, смета Мирко П. од Скопје.
А пораката од лицата со хендикеп е следната:
-3-ти декември не е ден за фалби … 3 –ти декември треба да биде ДЕН ЗА РЕВИЗИЈА. Ден за покренување на политичка одгворност кај сите. По ова прашање нема НЕВИНИ кај заедницата без хендикеп, особено кај владеачкото мнозинство кое секогаш по правило го водат само претставници од заедицата без хендикеп. На 5-ти декември 2011 година Македонија ја ратификува Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп…Политичките актери како камен на срце да имаат, па одвај и ја спомeнуваат. А да не правиме муабет за институциите. Владата како и да заборивила на овие обврски. Конвенцијата е lex specijalis и е единствен рецепт за иднината на оваа држава…Глаголиме за ЕУ стандарди, отварање на преговори, а една рампа заедницата без хендикеп не знае да направи. Земјите се борат кој прв ќе стигне на Марс, а ние не можеме да се договориме дали објектот треба да е пристапен (заедницата со хендикеп под пристапност не мисли на рампа), или дали да се применува знаковниот јазик или дали во одбраната на земјата треба да биде вклучена и заедницата со хендикеп. Се донесоа силни закони, но ниеден од нив не е на патот кој го трасира Конвенцијата. Сите до еден ќе треба да бидат ревидирани, без разлика на изговорите на Владата дека тоа го напрaвиле со помош на меѓународната заедница, се вели во вчерашното јавно писмо од „Полио плус“