Зошто мора да се заменат регистарските таблички, не може ли да се стават налепници?

На сета криза и сиромаштија одеднаш власта соопшти дека мора и регистарските таблички да се менуваат. Требало да исчезне „МК“ од табличките на возилата. И не само тоа, таа замена треба да си ја плати секој граѓанин посебно.

Од 1.400 до 1.500 денари, зависно од формата, граѓаните ќе треба од свој џеб да платат за промената на регистерските таблички за да ги добијат оние што ќе имаат ознака НМК. Ова важело за сите сопственици на возилата кои имаат ознака МК на таблиците или оние на коишто има само ознака на градот во кој е регистрирано возилото.

Па така, од скромните плати, кои ни се меѓу последните во регионот и се обезвреднети со највисоката инфлација, сега ќе треба да се одвојува и за плаќање на регистерските таблички. „Поволноста“ било во тоа што промената можела да се изврши пред терминот на годишната регистрација која граѓаните најчесто ги чини и повеќе од 200 евра… 

Мораше ли ова да се менува воопшто? Ова е прашање кое треба да добие од властите прецизен одговор.

А ако и понатаму одлучуваат да побрзаат со сервилноста кон странски барања и да го снема „МК“, тогаш зошто мора да се менуваат целите таблички?

Зошто граѓаните мора да плаќаат за промената на табличките надлежните од МВР и од Владата не објаснуваат. Се повикуваат на Законот и Правилникот и толку. Дали било можно да се применат и другите опции со цел граѓаните да се поштедат од нови давачки во истенчените семејни буџети, не се кажува. Зошто, на пример, не беше можно целата промена да се заврши со налепниците со ознака НМК? Ставањето на ваква налепница врз ознаката МК е технички изводливо и е решение кое може долго да трае. И најважно – многу е поевтино отколку да се смени целата таблица. За уште постарите „регистрации“ кои и немаат „МК“ треба да се види дали мора воопшто да се менуваат.

Да не зборуваме за тоа дека во некои земји има цели генерации на таблици коишто не се сменети со децении, едноставно се чека тие полека да застарат заедно со возилата, се избегнуваат трошоци, администрација… Такво нешто може да видиме и во развиената и одамна европски етаблираната Грција.

Власта има време да се размисли за сето ова. Не мора да се брза, а и дополнителни трошоци не се потребни. А има и уште нејаснотии: оние кои имаат таблици со „МК“ ќе добијат ли сосема нови броеви или истите само сега со „НМК“? Тоа не е сеедно. Замисли имаш осигурување (или зелен картон) на еден број, а потоа на средина од годината да имаш нов број, оти нели ни даваат „поволност“ да не се менуваат при редовна регистрација…

Друга нејаснотија: старите таблици кои, сигурно, ќе завршат како старо железо кој ќе ги земе и кој од нив ќе ќари? Граѓанинот ќе добие надокнада кога ги предава старите?

Има уште нејаснотии…

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Хаосот со прославата на Делчев, покажува системска неспособност
Следна вестПочна карневалот во Венеција