На Бугарија и стана навика да бара од Македонија да си ја менува историјата. Така ќе сме се зближеле-помириле, така било европски.
Вчера македонскиот претседател Стево Пендаровски истакна дека треба прво извинување од Бугарија за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка, а потоа помирување. Одбележувањето на 80-годишнината на едно од најтешките злосторства кои тогашниот бугарски окупатор ги сторил во Македонија во текот на Втората светска војна, беше повод на виделина да се изнесе вакво барање.
-Правда значи да се препознае и именува вистината и таа да биде почитувана од сите. За да има помирување, треба да има извинување за улогата на профашистичката влада во Софија во тоа време во депортацијата на македонските Евреи, потенцира Пендаровски.
Извинувањето за вака тешко злосторство, со испраќање на 7.144 Евери во Македонија во логорот на смртта Треблинка од кој никој веќе не се вратил, е најмaлку нешто што би требала да го стори официјална Бугарија. Сите сведоштва и оригинални документи покажуваат дека нивните окупациски сили најдиректно го извршувале собирањето и депортацијата на невините граѓани во соработка со фашистичките германски сили. Примери на извинувањата на државни претставници чиишто држави сториле најразлични злосторство постојат. Таков доблесен чин го стори во 1970 година тогашниот германски канцелар Вили Брант со клекнувањето пред споменикот во Варшавското гето, барајќи прошка за злосторството на нацистичката Германија врз Евреите во Полска и насекаде друго.
Но, дали македонскиот претседател, односно, македонската јавност може да очекува извинување од Бугарија за направеното злосторство?
Барањето на македонскиот претседател како „неприфатливо“ веднаш го оцени Ангел Димитров, копретседател на Заедничката мултидисциплинарна и експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија.
-Така да се зборува за Бугарија е крајно неприфатливо, дури и неточно од страна на политичар со огромна одговорност, чија цел треба да биде воспоставување добри дипломатски односи меѓу нашите две земји. Несериозно е да се префрла несразмерна вина на Бугарија за депортацијата на Евреите бидејќи депортацијата се случи на настојување и под контрола на претставници на нацистичка Германија, соопшти Димитров, со кого треба да решаваме историски прашања.
Реагираше и бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски за кого изјавата на Пендаровски е „скандалозна и антибугарска“.
-Нашето МНР мора да реагира итно и да побара извинување од Пендаровски. Уште еднаш лажеше дека властите во Софија се вклучени во депортацијата на Евреите, наведе Џамбаски.
Ете засега две официјални лица на Бугарија кажаа како ја гледаат историјата и борбата за вистина. Сепак добро е што во Софија се појавија и различни мислења како она на Михаил Иванов, поранешен советник на бугарскиот претседател Желев и кој јавно соопшти дека се „приклучува кон повикот на Пендаровски“.
Но, дали извинувањето и ќе се случи од Бугарија или нашиот сосед ќе продолжи да си бара Македонија да клекне? И дали за тоа што официјална Софија се однесува вака кон историските факти не е виновна и македонската власт која угодува на сите бугарски барања?
Пендаровски ќе побара ли извинување и за бугарската окупација и сите македонски жртви од тоа време на Втората Светска Војна? Такви извинувања Пендаровски вчера не побара, а е потребно во име на историската вистина и како правење на вистински обид за помирување на бугарскиот и македонскиот народ.