Помина повеќе од една недела откако на еден по друг митинг на ДУИ, присутните еуфорично во знак на славје пукаа со огнено оружје. Пукањето во Чаир и тетовско Желино предизвика остри реакции, ама само кај јавноста. За функционерите на ДУИ пред чии очи се случуваше, не беше проблем, напротив – го поздравуваа. Но дали некој ќе одговара? Од тогаш до сега од надлежните само молк.
-На состаноците со нив, бидејќи секојдневно работиме заедно, тие се оградуваат. Тие повикуваат МВР да си постапи по сите вакви случаи бидејќи треба да ги одвратиме. Прво, не мислам дека тоа некому му носи добро. Тоа одвраќа гласачи, поддршки, позитивен амбиент. Второ, тоа е кривично дело. Тоа е нарушување на јавниот ред и мир. Веројатно и злоупотреба на законот за оружје. МВР ги има веќе снимките, објавени се и истражува за точно да ги најдат сторителите, рече премиерот Заев пред точно 6 дена.
Но до овој момент нема ништо. Иако полицијата, како што и самиот Заев рече, има и снимки и се што е потребно. Па оттука се навраќа сеќавањето на ланските предвремени парламнетарни избори, кога ДУИ во Тетово прогласи победа токму со рафали. Јавноста не памети дека некој тогаш понесе одговорност за пукањето. A нели сега власта се подобрува и работи против криминалот и насилието?